Моника Жежовска и Теодор Јовановски

Македонија, мажи (се зема просекот на првите 10 шахисти), меѓу 200 федерации во јануари годинава била 55-та (2.442), а во декември 57. (2.429). Македонија, жени, во јануари била 58. (1.936), а на таа позиција остана и во декември (1.901). Поединечно првата позиција ја одржаа ВМ Кирил Георгиев (2.548, плус два поена годинава) и ЖФМ Весна Секуловска (2.067, плус два)

ШАХ – РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ

Светската шаховска федерација (ФИДЕ) ја објави завршната ранг-листа за годинава, во светот и понатаму доминираат поранешниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.830 рејтинг-поени, кој стана број еден на светската рејтинг-листа на 1 јануари 2010 година), и Кинезинката Јифан Хоу (2.632). Македонија, мажи (се зема просекот на првите 10 шахисти), меѓу 200 федерации во јануари годинава била 55-та (2.442), а во декември 57. (2.429), односно загубила 13 поени. Македонија, жени, во јануари била 58. (1.936), а на таа позиција остана и во декември (1.901), но со 35 поени помалку.

Поединечно, меѓу првите 100, првата позиција ја одржа ВМ Кирил Георгиев (2.548, плус два поена годинава), а кај шахистките, ЖФМ Весна Секуловска (2.067, плус два). Кај шахистите најмногу поени освоил младиот Теодор Јовановски (2.102, плус 220), со што од 80-то се искачи на 45-то место. Го следат Стојан Велкоски (2.035, плус 136), Илија Стошевски (2.011, плус 67), ИМ Тони Лазов (2.404, плус 56), Антон Златков (2.148, плус 56), ИМ Никола Николовски (2.389, плус 42) итн. Најмногу поени загубил ВМ Никола Митков (2.379, минус 114), кој од второто падна на 10-то место, а меѓу првите 20 се ВМ Драгољуб Јаќимовиќ (2.366, минус 36), ВМ Владимир Георгиев (2.400, минус 22), ИМ Филип Панчевски (2.427, минус 25) итн. За разлика од јануарската листа, кога поради играчка неактивност ги немаше, на декемвриската листа од посилните шахисти, пак, фигурираат ВМ Влатко Богдановски (2.374, 12-ти), ФМ Зоран Стојчевски (2.370, 13-ти), ИМ Марјан Митков (2.336, 16-ти), ВМ Роландо Кутиров (2.281, 19-ти), Ристе Менкиноски (2.251, 13-ти) итн.

Кај шахистките со најмногу освоени рејтинг-поени годината ја завршуваат младите Моника Жежовска (1.826, плус 190), која напредуваше од 13-то на деветтото место, Инџи Ајрадиноска, која остана на 18-то место (1.585, плус 183), и Маре Крстевска (1.664, плус 164), која од 17-то сега е на 14-то место. Од оние што се меѓу првите пет, најмногу поени освоија Ивана Манова (1.923, плус 27), напредуваше од шестото на четвртото место, и ЖФМ Моника Стојковска (2.057, плус 15), која остана на втората позиција.

– При мојот избор на репрезентативци воопшто не се раководам од рејтингот на играчите. Лесно можам да проценам кој може да биде добар. За жал, повозрасната генерација е уште подобра од младите, со ретки исклучоци, нормално. А немањето мотивација кај повозрасните, пак, а и со годините донекаде, доведува до очекуван пад на нивниот рејтинг. За да напредуваш и со рејтингот, мора целосно да си посветен на шахот. Сигурен сум дека шахистите можат, ама не е сѐ до нив. Има талентирани млади шахисти, кои по одредено време се откажуваат од шахот и почнуваат да студираат, увидувајќи дека од државата немаат соодветна поддршка. Сепак, денеска светла точка во македонскиот шах е што има голем интерес кај малите деца и мислам дека добро се работи во тој правец – вели селекторот на македонската машка репрезентација, ИМ Атанас Кизов. Г.И.


ВРВНИ ШАХИСТИ

СВЕТ, МАЖИ
1.(1) Магнус Карлсен 2.830 -29
2.(3) Фабијано Каруана 2794 +28
3.(5) Хикару Накамура 2.788 +20

СВЕТ, ЖЕНИ
1.(1) Јифан Хоу 2.632 -6
2.(5) Венјун Ју 2.560 +5
3.(3) Химпи Конеру 2.554 -18

МАКЕДОНИЈА, МАЖИ
1.(1) Кирил Георгиев 2.548 +2
2.(3) Трајко Недев 2.474 +9
3.(5) Александар Чоловиќ 2.422 +2

МАКЕДОНИЈА, ЖЕНИ
1.(1) Весна Секуловска 2.067 +2
2.(2) Моника Стојковска 2.057 +15
3.(4) Габриела Коскоска 1.989 +21
во заградата е пласманот во јануари годинава, во првата колона е актуелниот рејтинг, а во втората разликата во поени од јануари до декември годинава