Прилепска Пиварница со својот бренд „Златен Даб“, втора година по ред, месецот ноември го посвети на машкото здравје, со кампањата „На здравје, за машкото здравје“. Крајот на кампањата се официјализираше со реализирање на донацијата за Клиниката за урологија во Битола, преку набавка на материјали за одделот во согласност со потребите на клиниката во вкупна вредност од 500.000 денари.
Со оваа кампања Прилепска Пиварница се приклучи кон глобалното движење за подигнување на свесноста за редовна грижа за машкото психофизичко здравје.
Комуникацијата за кампањата и овој пат се одвиваше преку, сега веќе познатите, специјално дизајнирани етикети на стаклените шишиња „Златен Даб“, и на тој начин директно ја таргетираше машката популација, подигајќи ја свесноста за вршење редовни прегледи и рана детекција на тешки заболувања. Во текот на кампањата, „Прилепска Пиварница“ од секое купено пиво „Златен Даб“ во стаклена амбалажа од 0,33л и 0,5л, одвојуваше паричен износ наменет за донација на износ од 500.000 денари.
– Во рамките на глобалната кампања што охрабрува активности за подигнување на свеста за машкото здравје, втора година по ред ги додадовме мустаќите на етикетите на „Златен Даб“ и упативме силна порака за поголема грижа за физичката и за менталната благосостојба кај мажите. Преку кампањата „Мовембер“ апелираме за вршење редовни прегледи и рана детекција на несаканите заболувања, водење отворена дискусија за машкото здравје и секако посакуваме поздрав и посреќен живот. Оваа година донацијата ја предаваме на Клиниката за урологија во Битола, која ќе биде употребена за набавка на потребна опрема неопходна за спроведување на секојдневните прегледи – изјави Тодорка Сајкова, бренд-менаџер за пиво во Прилепска Пиварница.