СП 2023 ЗА РАКОМЕТАРКИ
Франција и Норвешка одново се полуфиналисти
Репрезентациите на Франција и на Норвешка се првите полуфиналисти на Светското првенство (СП) во ракомет за жени во Данска, Шведска и во Норвешка. Франција во четврт-финалето ја совладаа Чешка со 33-22. Во второто четврт-финале, актуелниот светски првак Норвешка беше убедлива против Холандија, славејќи со 30-23, иако на полувремето разликата беше само еден гол (12-11).
Норвешка и Франција петти пат во низа истовремено се полуфиналисти на едно големо натпреварување, откако двете селекции настапија во полуфиналето и на претходниот Мундијал, во 2021 година, таа година беа во полуфиналето и на Летните олимписки игри, како и на европските првенства во 2020 и во 2022 година.
Синоќа за влез во полуфиналето играа Шведска – Германија и Данска – Црна Гора. Победникот од првиот дуел за пласман во финалето ќе игра со Франција, а подобриот од вториот четвртфинален меч со Норвешка. Двете полуфиналиња на програмата се утре.
Новиот светски првак ќе се пласира и на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Париз, а од учесниците во четврт-финалето на СП 2023 претходно пласман на ЛОИ обезбедија Франција (како домаќин) и Норвешка (како европски првак). Г.И.
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Реал Мадрид се израмни со Баерн
Реал Мадрид со победата на натпреварот на гости со Унион Берлин со 3-2 ја заокружи групната фаза сезонава во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) со максимални шест победи, нешто што шпанскиот фудбалски гигант го направи третпат во ова натпреварување. Претходно Реал Мадрид без загубен бод ги одигра групните фази во сезоните 2011/2012 и 2014/2015.
Трипати шест победи во групната фаза забележа и Баерн, и тоа во сезоните 2019/2020, 2021/2022 и 2022/2023, а во првата таква сезона подоцна тимот од Минхен ја освои титулата.
Пред натпреварите синоќа од шестото коло во групната фаза, во групите Е, Ф, Г и Х, по еднаш по шест триумфи во една сезона на групната фаза остварија и Милан, Пари сен Жермен, Спартак Москва, Барселона, Ливерпул и Ајакс. Н.М.