Вечерва со почеток во 20 часот ќе почнат „Есенските музички свечености“, во Музејот на градот Скопје, со настап на камерниот гудачки оркестар „Амаросо“ од Србија. На програмата се наоѓаат дела од: Вивалди, Моцарт, Рахманинов, Јенко, Бинички, Папандопуло, Бајиќ, Бабиќ и други.
Камерниот гудачки оркестар „Амаросо“ е формиран во март 2002 година под покровителство на УНДП и градот Лесковац, а го сочинуваат професионални музичари од Лесковац и од Ниш. На нивниот репертоар се дела на класичната музика од барокот до 21 век. Оркестарот досега има одржано голем број концерти во земјата и во странство. Зад себе има диск со композиции на класична музика напишани за оркестар и оркестар и солисти, каде што како солисти се претставиле познатата пијанистка Дубравка Јовичиќ и лесковaчкиот кларинетист Марко Ѓорѓевиќ, а покрај тоа има снимено и трајни аудио и видеоснимки за потребите на Радио Београд, Лесковачката телевизија и за другите локални медиуми во градовите во кои гостувал.