Њујоршката консултантска агенција „Интербренд“ објави листа на 100 најдобри брендови во 2023 година, а на врвот е технолошкиот гигант „Епл“. Вториот бренд на листата е „Мајкрософт“, а потоа следуваат „Амазон“, „Гугл“ и „Самсунг“.
Највредна автомобилска марка во светот е „Тојота“, која го зазеде шестото место на листата, а потоа следуваат „Мерцедес Бенц“, „Кока-кола“, „Најки“ и „Бе-ем-ве“ (BMW). Компанијата „Тесла“, во сопственост на најбогатиот човек во светот, Илон Маск, е на 12-та позиција.
Според „Интербренд“, годинашното рангирање покажува дека многу од најдобрите 100 светски брендови стагнираат.
Вкупната вредност на најголемите светски брендови годинава се зголеми за 5,7 отсто, на 3,3 трилиони долари, забавувајќи во однос на минатогодишниот раст од 16 отсто.
Консултантската агенција „Интербренд“ ги истражува и ги анализира највредните светски брендови од 1999 година. Сите кандидати за првите 100 се разгледуваат врз основа на три критериуми: „Финансиски перформанси на производи или услуги на брендот“, „Улога на брендот во процесот на одлучување за купување“ и „Сила на брендот во однос на идната заработка на компанијата“.