ЏУДО – НА ТУРНИРОТ ВО ПРИШТИНА
Два медала за Теона Настоска
Џудистите на прилепскиот клуб Сеишин, предводени од тренерите Дејан Мицкоски и Мартин Ристески, со девет натпреварувачи освоија вкупно осум медали (два златни, еден сребрен и пет бронзени) на меѓународниот турнир за кадети и за сениори, кој се одржа во Приштина, со учество на натпреварувачи од девет земји (Македонија, Полска, Словачка, Црна Гора, Хрватска, БиХ, Албанија, Бугарија и Косово). Кај кадетите трети места освоија Теона Настоска и Никола Магдески. Кај сениорите повторно освои медал, но сега златен, Теона Настоска, како и Александра Најдоска, сребро освои Марио Цинцароски, а бронзи Стефан Талески, Михаел Конески и Кристина Мантароска. Г.И.
ШАХ – СП ЗА ЈУНИОРИ ВО ИТАЛИЈА
Шестото коло најуспешно за Македонците
Четири победи и едно реми е епилогот на осумтемина македонски претставници на поединечното Светско првенство (СП) во шах за јуниори (до 14, 16 и до 18 години) во Монтесилвано (Италија), во шестото коло, од предвидените 11, што е и најуспешно досега.
Во категоријата до 18 години цел поен освоија Теодор Јовановски (2.140 рејтинг-поени) против Италијанецот Филипо Аверса (1.715) и Стојан Велкоски (1.985) против Јуџин Ју (2.247) од САД. Во категоријата до 16 години славеа Антон Златков (2.220) над Италијанецот Родриго Сарабандо (2.021) и Никола Бошковски (1.635) над Алхори Еиса (1.534) од ОАЕ. Ремизира Јована Давикова (1.322) со Адела Јанускова (1.534) од Чешка во категоријата до 16 години. Другите тројца македонски претставници, Малакај Насков (1.594), Ивана Велкоска (1.157) и Инџи Ајрадиноска (1.594) се поразени во ова коло.
Златков (рангиран 46-ти пред почетокот на турнирот) и понатаму е најуспешен македонски претставник, 40-ти, со 3,5 поени, меѓу 138 шахисти (шест ИМ, 33 ФМ) од 71 држава. На СП играат вкупно 766 учесници во сите категории (450 момчиња и 316 девојчиња) од 92 држави. Г.И.
КАРАТЕ – БАЛКАНИЈАДА ЗА КАДЕТИ И ЗА ЈУНИОРИ ВО ЉУБЉАНА
Три златни медали за Македонија
Многубројната македонска карате-репрезентација освои вкупно 10 медали (три злата, две сребра и пет бронзи) на Балканското првенство (БП), викендов, во Љубљана (Словенија). Балкански прваци станаа екипниот машки јуниорски тим, јуниорот Бесарт Мемети (категорија до 55 кг) и постариот јуниор (до 21 год.) Витомир Трајковски (до 84 кг), сите во дисциплината борби. Вицепрваци за 2023 година се кадетот Цветан Маргаритов (до 57 кг) и јуниорот Или Билали (до 68 кг), и двајцата во борби. Трети на Балканот се кадетката Драгана Ефтимовска (до 61 кг), јуниорката Сара Дука (до 48 кг), постарата јуниорка Михаела Мишовска (до 50 кг) и јуниорот (до 21 год.) Стефан Стојановиќ (над 84 кг), како и постарите јуниорки екипно (до 21 год.). На БП настапија 1.078 натпреварувачи од 13 држави. Г.И.