Фото: Архива

Меѓу 16-те досега пласирани, покрај домаќинот Германија, се Холандија и Шпанија од барабанот од Лигата на нации, потоа Данска, Португалија, Белгија, Унгарија и Швајцарија од првиот барабан, Франција, Австрија, Англија и Шкотска од вториот, Албанија и Романија од третиот, Турција од четвртиот и Словачка од петтиот барабан. Од селекциите што можат да се пласираат се и Италија од барабанот од Лигата на нации, Чешка, Велс и Србија од вториот, Украина, Словенија и Црна Гора од третиот, Казахстан од четвртиот и Молдавија од петтиот барабан

ФУДБАЛ

По натпреварите во саботата, вкупно 16 фудбалски репрезентации се пласираа на Европското првенство (ЕП) в година во Германија, од вчера до утре ќе се решаваат уште преостанатите пет учесници на континенталниот шампионат. Вкупно, од секој барабан пред ждрепката на групите, освен од шестиот, има репрезентации што се пласираа на ЕП 2024. Така, меѓу 16-те досега пласирани, покрај домаќинот Германија, се Холандија и Шпанија од барабанот од Лигата на нации, потоа Данска, Португалија, Белгија, Унгарија и Швајцарија од првиот барабан, Франција, Австрија, Англија и Шкотска од вториот, Албанија и Романија од третиот, Турција од четвртиот и Словачка од петтиот барабан. Од селекциите што можат да се пласираат се и Италија од барабанот од Лигата на нации, Чешка, Велс и Србија од вториот барабан, Украина, Словенија и Црна Гора од третиот, Казахстан од четвртиот и Молдавија од петтиот барабан.
По мечевите во саботата комплетирани се учесниците на ЕП 2024 во групите А (Шпанија и Шкотска), Б (Франција и Холандија), Ф (Австрија и Белгија), И (Романија и Швајцарија) и Ј (Португалија и Словачка). Синоќа се решаваше вториот патник од групата Г (покрај Унгарија на ЕП 2024 ќе игра и Србија или Црна Гора), а денеска се решавачките дуели во групите Ц (Англија се пласира, а на шампионатот ќе играат и Италија или Украина), Е (Албанија обезбеди настап, на ЕП ќе учествуваат и Чешка или Молдавија) и Х (Данска се пласира, ќе играат и Словенија или Казахстан). Утре ќе биде одреден 21-от патник во Германија, во групата Д (Турција се пласира, на ЕП 2024 ќе играат и Хрватска или Велс). Во директен дуел местото на ЕП ќе го одредат Украина и Италија, потоа Чешка и Молдавија, како и Словенија и Казахстан.
На преостанатите три места на ЕП 2024 ќе бидат победниците на трите плејоф-турнири во лигите А, Б и Ц од Лигата на нации. Учество во плејофот обезбедија победниците на групите во лигите А, Б и Ц, но секоја репрезентација што се пласира на ЕП 2024 низ квалификациите ѝ го отстапува своето место на следната селекција според вкупниот пласман во Лигата на нации. Така, засега сигурни учесници се Полска (лига А), Финска (лига А или Б), Израел, БиХ (лига Б), Грузија, Грција и Луксембург (лига Ц). Шанса за настап во плејофот има и една селекција од лигата Д, Естонија, ако нема доволен број учесници за плејофот во лигата А. Н.М.


УЧЕСНИЦИ НА ЕП 2024

Домаќин Германија
Група А Шпанија и Шкотска
Група Б Франција и Холандија
Група Ц Англија и Украина или Италија
Група Д Турција и Хрватска или Велс
Група Е Албанија и Чешка или Молдавија
Група Ф Австрија и Белгија
Група Г Унгарија и Србија или Црна Гора
Група Х Данска и Словенија или Казахстан
Група И Романија и Швајцарија
Група Ј Португалија и Словачка
Плејоф три репрезентации