Од попладнево треба да биде нормализиран железничкиот сообраќај во земјава кој од петокот беше во прекин поради бојкот на машинскиот и извршен персонал на Железници Транспорт.
Претседателот на Синдикатот на машиновозачи и претставник на машинскиот извршен персонал Тони Димовски во изјава за МИА рече дека бојкотот прекинува затоа што е исполнето нивното барање за исплата на патните трошоци.
– Исполнето е нашето барање за исплата на патните трошоци. Бојкотот во МЖ Транспорт ќе прекине со возот 643 кој од Скопје за Битола попладнево наместо во 14.30 часот, ќе тргне со задоцнување отприлика од 90 минути – рече Димовски.
Машинскиот и извршен персонал при Железници на РСМ Транспорт од петокот попладне стапи во бојкот со целосен прекин на железничкиот собраќај поради неисплатени патни трошоци за минатиот месец.