Фото: Принтскрин

Власта треба да одговори за оценките во Извештајот на ЕК дека нема прогрес во борбата против корупцијата и исполнетоста на само 10 проценти од препораките на Антикорупциската комисија, вели Биљана Ивановска претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата.

-Ние отворивме повеќе предмети, разговаравме за повеќе појави кои што му тежат на ова општество. Направивме повеќе анализи од кои што излегоа повеќе препораки и тие беа упатени до соодветните институции кои што требаше да ги имплементираат. Но, за жал, имплементацијата на нашите препораки е на многу ниско ниво, не е ниту една третина. Од друга страна, подготвивме и Национална стратегија, имавме стратешки пристап во борбата против корупцијата, бидејќи сме превентивен орган. Во таа национална стратегија ги детектиравме проблемите, мерките, активностите кои што одредени институции требаше да ги споведат и точно се знаеше кој, кога и што треба да направи. За жал извештаите што ги направивме за 2021 и 2022 г. покажуваат дека 20, односно 10 проценти од активностите се спроведени што е многу ниско ниво, или нема прогрес.

Последното скалило од оценките на ЕК е дека одиме назад. Значи ова е аларм со сите црвени светла. Значи или ќе се одбиеме од дното да зачекориме по вистински пат или ќе продолжиме да тонеме и тогаш веќе ќе забележат дека одиме назад, вели Ивановска во гостувањето во Тема на денот на Сител ТВ.

 

Прашана кој е мотивот на ДКСК да продолжи со работа, ако со измените на Кривичниот законик дојде до застарување на повеќе случаи на висока корупција и злоупотреба на службена положба, Ивановска подвлекува дека Антикорупциска е превентивен орган и не е нивна работа да судат, ниту да делуваат репресивно, туку, вели, тие се „доктори за систематски преглед“.

 

-Не може некој што прави систематски преглед да биде и хирург. Хирургот е обвинителот, односно судијата. Од тука сакам да кажам дека е неминовно да постојат вакви институции кои што ќе укажуваат, но системот е поставен така што остануваат понатаму во синџирот други институции што треба да постапуваат по нашите укажувања. Крајната цел на нашата работа е подобрување на системот на контроли, намлаување на ризиците од корупција. Во Националната стратегија сме ги детектирале ризиците од корупција, а најсилен ризик од корупција е политичкото влијание. Кога политичкото влијание би се намалило би оставило простор да дишат институциите. Тоа значи вработување и определување на висока раководна структура по институциите врз основа на мерит и ветинг систем, а не врз основа на диксреционите овластувања кои црпат моќ од политичките ситуации, вели претседателката на ДКСК.

Таа потврди дека правосудството како ризичен сектор е дел од Националната стратегија за борба против корупцијата на ДКСК, и посочи на резултатите од нивната анализа за корупцијата во овој сектор, од која вели, произлегоа значајни резултати меѓу кои влијанија врз судиите од судии на повисок ранг – претседатели на судови и на Судскиот совет, како и недостиг на интегритет на Судскиот совет, врз основа на кои се предвидени соодветни чекори.

 

Во однос на соработката со Обвинителството, Антикорупциска во својот мандат вели досега има доставено 50 иницијативи за кривично гонење, а не е процесуирана ниту една. А тоа е случајот и со над 200 иницијативи од 21- годишното постоење на ДКСК, освен за предметот „Бачило“. Но вели, секој треба да си постапува согласно надлежностите, а тие ќе ја продолжат соработката со Обвинителството.

 

Ивановска се согласува во однос на констатациите во Извештајот на ЕК за потребата од кадровско, експертско и буџетско јакнење на капацитетите на ДКСК, а во однос на законот кој ја регулира нивната работа, смета дека е потребно негово извесно допрецизирање.

-Нашиот закон може треба да претрпи некои промени кои што би се однесувале на допрецизирање на одрдени недиоречености за да може Комисијата попрецизно да постапува. Во однос на капацитетите на институцијата, имајќи во предвид дека во Законот има многу надлежности на Комисијата, и дека таа го спорведува и Законот за лобирање и Законот за заштита на укажувачите, што значи дека иако ние ги зголемивме капацитетите за повеќе од 100 отсто, значи затекнати 22, а сега имаме речиси 50 вработени, потребна е и нова систамтизација која реално ќе ги одразува потребите, вели Ивановска.

За новиот состав на ДКСК за кој е веќе распишан оглас, Ивановска со порака да го почитуваат принципот на интегритет. -Постигнавме важни работи, не успеавме да направиме се, но поставивме добри осноси за да продолжат понатаму, вели Ивановска.