Бугарија е петтиот најважен трговски партнер на Македонија и нејзина втора најважна извозна дестинација. Бугарските директни инвестиции во државата изнесуваат вкупно 270 милиони евра, а во 2022 година, годишната трговија меѓу двете земји надмина една милијарда евра, беше речено на средбата на Македонско-бугарската стопанска комора (МБСК) и Амбасадата на Република Бугарија со бизнис секторот од двете држави.
Целта на средбата, како што информира Комората, беше подобрување на соработката меѓу компаниите од различни дејности.
Бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов им се заблагодари на генерациите активисти кои ја основаа, развиваа и зајакнаа Комора. Тој изрази верба дека со амбициозната програма на новоизбраната претседателка на МБСК Биљана Митева, на институцијата и претстои „поживописна, подинамична и многу поотворена за сите економски субјекти, што ќе ги зајакне односите меѓу Бугарија и Северна Македонија“.
За Митева, МБСК е сериозен предизвик.
-Имам голема одговорност и чест, бидејќи Македонско-бугарската стопанска комора која постои од 2011 година, има многу успешни проекти. Претставува предизвик да бидат надминати сите предизвици со цел соработката меѓу бизнисот и институциите во нашите две земји да бидат ставени во функција на успешна деловна клима, истакна Митева во обраќањето.
Трговското атеше на бугарската амбасада Красимир Драгнев информираше дека на 7 декември во Софија се одржува бугарско-македонски бизнис форум на иницијатива на министерствата за надворешни работи на двете земји. Сличен настан минатата година се одржа во Скопје под покровителство на министрите за надворешни работи Николај Милков од Бугарија и Бујар Османи од Северна Македонија.