Несомнено настан од ваков калибар го привлекува вниманието на светската јавност и го насочува фокусот токму кон Македонија, што во секој случај претставува добра промоција на земјава на меѓународен план и можност на едно место да се остварат сериозни контакти со многу меѓународни партнери со кои би се разговарало за повеќе прашања од заеднички интерес. Она на што во последно време реагира македонската јавност се стравувањата дека уште еднаш ќе се потрошат пет милиони евра народни пари без да се извлече соодветна бенефиција од организацијата на најголемиот политички настан во земјава
Завршната конференција на ОБСЕ во Скопје е можност за нешто повеќе од само промоција на државата
Македонија ќе го заврши претседавањето со ОБСЕ со најголемата конференција што била некогаш организирана во државата, при што, според најавите, се очекува да присуствуваат над 70 министри за надворешни работи од повеќето европски и азиски земји, вклучувајќи го и министерот за надворешни работи на САД.
Само за адаптирање на спортската сала „Борис Трајковски“ државата веќе одвои два милиони евра, додека за изнајмување службени возила ќе се потрошат близу еден милион евра. Според најавите на шефот на дипломатијата и актуелен претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, државата ќе потроши пет милиони евра за организација на овој настан, иако првичните побарувања до Министерството за финансии биле осум милиони.
– Придобивките од претседавањето се поголеми од овие трошоци и во оваа голема инвестиција сме влегле свесно бидејќи е голема промоција за државата – рече Османи при најавата на настанот уште на почетокот на годината.
Промоцијата и конкретните бенефиции одат рака под рака
Несомнено настан од ваков калибар го привлекува вниманието на светската јавност и го насочува фокусот токму кон Македонија, што во секој случај претставува добра промоција на земјава на меѓународен план и можност на едно место да се остварат сериозни контакти со многу меѓународни партнери со кои би се разговарало за повеќе прашања од заеднички интерес.
Она на што во последно време реагира македонската јавност се стравувањата дека уште еднаш ќе се потрошат пет милиони евра народни пари без да се извлече соодветна корист од организацијата на најголемиот политички настан во земјава.
Впрочем, стратегискиот интерес на секоја земја е да добие организација на поголеми настани од секаков вид, било да се работи за организација на спортски светски првенства, олимпијади, разни музички фестивали од типот на „Евровизија“, трки во Формула 1, па до големи политички самити на кои се собира светската политичка елита. Во принцип, сето тоа се прави крајно пресметливо бидејќи сите знаат дека инвестираните средства во организација на ваквите настани подоцна десеткратно се враќаат.
Катар, земја без никаква фудбалска традиција, преку разни канали инвестираше милијарди долари само на лобирање за да ја добие организацијата на Светското првенство во фудбал, не толку да извлече финансиска корист бидејќи станува збор за и онака богата држава туку најмногу заради пиар на државата и себепромоција. Сега истото тоа го прави и Саудиска Арабија.
Сето ова значи дека домаќините на ваквите големи настани добро пресметале дека заработката и промоцијата на државата се многу поголеми отколку инвестираните пари. Згора на тоа, ниту една организација, без оглед кој претседава со неа, не дозволува целиот финансиски товар да падне на организаторот, туку најголем дел од трошоците се покриваат од фондовите на овие организации, особено кога станува збор за политички настани.
Во нашиот случај, Македонија треба да ги издвои тие почетни пет милиони евра од буџетот, иако сумата веројатно ќе биде многу поголема, но ОБСЕ е тој што треба да помогне трошоците да не се сведат само врз грбот на македонските граѓани, кои и онака едвај врзуваат крај со крај. Затоа и сите земји се во меѓусебна трка да добијат организација на големи настани, оти знаат дека на крајот тие добиваат, како од финансиски така и од промотивен аспект.
Обнова на домашната инфраструктура со странски пари
Организацијата на завршната конференција на ОБСЕ во Скопје, но и лобирањето за одржување и на други манифестации, треба да биде во функција на обезбедување дополнителни фондови од кои земјава ќе може да добие средства со кои ќе ја развива и сопствената инфраструктура. За конференцијата на ОБСЕ ќе мора да се адаптира салата „Борис Трајковски“, која во иднина може да стане голем конгресен центар што ќе биде домаќин на големи регионални, но и светски настани. Со тоа се подобрува и угледот на државата во светски рамки, но, што е уште поважно, се воспоставуваат врски на повеќе нивоа, почнувајќи од политичко, економско, културно, спортско, научно, медицинско и секакво друго ниво што со претставниците што ќе бидат присутни на ваквите настани ќе можат да се договараат.
Токму затоа исклучително е важно земјава да ги користи ваквите настани да го материјализира она што го инвестирала, како на промотивен план и во насока на исполнување на некои од државните интереси така и на планот на сопствениот севкупен развој. Во спротивно, бесполезно ќе се потрошат пари на настан што по една недела сите ќе го заборават.
Ова треба особено да се има предвид бидејќи досега државата не успеа да го искористи претседавањето со ОБСЕ за да се проговори за проблемите со кои таа се соочува на меѓународен план, почнувајќи од погазеното меѓународно право кога станува збор за насилната промена на државното име, до негирањето на идентитетот, јазикот, историјата и културата на носечкиот мнозински народ што живее во земјата што претседава со ОБСЕ. Своевремено и НАТО уништи голем дел од патната инфраструктура на земјава, но повторно македонските власти не успеаја сето ова да го наплатат од Алијансата така што ќе ја обноват целосно оштетената инфраструктура, туку сè се сведе само на козметичко дотерување на мостовите, сума што ниту оддалеку не беше доволна за покривање на реалните штети направени врз македонските патишта. Остатокот повторно го платија македонските граѓани.
Впрочем тоа е и поентата на секоја мудра политика, секогаш да се извлече максимумот од секоја ситуација бидејќи тоа е во интерес на државата и на нејзините граѓани. Затоа е важно и во иднина Македонија да се бори да биде организатор на големи настани бидејќи со добро лобирање и со паметна организација, може само да добива.
– Во пиар-стратегијата на секоја земја е вклучено организирањето големи настани на кои се собираат многу луѓе, се трошат многу пари, едноставно живее економијата, а државата доживува светска промоција без да мора да плаќа скапи реклами. Затоа сите земји вложуваат максимални напори, што легални, што нелегални, за да дојдат до организација на некој голем настан. Она што е важно е да се оствари некаква корист за државата, оти во спротивно нема поента да се организира нешто, да се трошат народни пари, а државата да биде во загуба – велат дел од пиар-експертите, кои своевремено биле вклучени во организацијата на поголеми настани на НАТО во земјава.
Логистиката е на домашен трошок, сето преостанато другите го плаќаат
Според нив, државата организатор треба да обезбеди само логистика за настанот, соодветен објект, сместувачки капацитети, да гарантирана безбедност, пристапна инфраструктура и слично.
– Логистиката се обезбедува од државата што го организира настанот и за неа се потребни извесни трошоци што ги покрива земјата домаќин, но главните средства ги обезбедува покровителот на тој настан. Во нашиот случај сега тоа треба да биде ОБСЕ, претходно тоа го обезбедуваше НАТО, така што умешноста на нашите политичари е како да издејствуваат повеќе средства за државата во насока на подобрување, било да е на самите објекти, на инфраструктурата или слично. Тие работи ќе ни останат бесплатно и по завршувањето на настанот ќе ги користиме за наши потреби. Потоа, на ваквите настани треба да се спомене и голема можност за контакти, доаѓаат луѓе од различни професии од цел свет, можат да се воспостават врски, кои утре може да резултираат со соработка на политички, економски и на секаков друг план, од што корист би требало да имаме ние. Затоа ваквите големи настани се посакувани – појаснуваат пиар-експертите, попознати под терминот „ивент менаџери“, кои пренесуваат дел од нивните искуства околу организацијата на поголеми настани.
Нивен генерален заклучок е дека државата треба да се наметнува за организирање големи настани и во иднина, но за тоа ќе бидат потребни исклучително способни луѓе што секогаш ќе знаат како да извлечат повеќе средства од она што државата го вложила.
– Капитализмот функционира така, вложи нешто, за да добиеш многу повеќе – завршуваат експертите со кои се консултиравме.