Фото: МИА / Архива

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, излезе од затворот „Идризово“ по три години и еден месец поминати зад решетки. Излегувањето од затвор е со условен отпуст, по одлука донесена од Апелација и таа нема да се врати во затвор, ако до идниот октомври доколку не направи ново кривично дело.

При донесувањето на ваквата одлука биле земени предвид повеќе фактори – Јанкулоска е мајка на петгодишно дете, кое било лишено од мајчинска грижа и воспитување, ги почитувала правата и обврските кои произлегуваат од куќниот ред на затворот, се вклопила во домската средина во која имала максимално пријателски односи со останатите осудени лица и не манифестирала насилни и конфликтни однесувања.

Јанкулоска беше упатена во КПУ „Идризово“, за издржување на казната затвор од четири години како осудена во предметот „Тенк” во септември 2020 година, откако таа ги исцрпи сите правни средства за одложување на издржување на казната затвор за овој случај.