Наспроти конвенционалниот начин на следење солистички концерти за пијано, кои претпоставуваат посебна подготовка, планирање, концертна сала, програма и слично, овој настан ги пречекува слушателите за време на паузата за ручек или додека траат работните обврски, по или пред училиште, на патот до чевларницата или пазарот, во секојдневната брканица
На 16 април (понеделник) на плоштадот „Македонија“ со почеток во 12 часот, пијанистката Дуња Иванова ќе приреди неколкучасовен перформанс. Во нестандардна форма, како концерт насловен ,,Наминување“, ќе прозвучат делата на истакнати современи автори меѓу кои: Глас, Сакамото, Најман, Перт, Еинауди, Прајснер, Ливингстон, Бернштајн, Еванс, како и Битлси, Коен итн. Овој настан на Иванова е дел од поддржаните проекти на годинашниот конкурс од областа на културата на градот Скопје. – Ваквата форма на прием на современиот звук за пијано е со единствена намера квалитетната музика да ги пресретне слушателите кога тие се всушност неподготвени за неа. Наспроти конвенционалниот начин на следење солистички концерти за пијано, кои претпоставуваат посебна подготовка, планирање, концертна сала, програма и слично, овој настан ги пречекува слушателите за време на паузата за ручек или додека траат работните обврски, по или пред училиште, на патот до чевларницата или пазарот, во секојдневната брканица.
В понеделник скопјани и сите намерни или случајни гости на Скопје, кои патот ќе ги поведе накај плоштадот ќе имаат можност околу 180 минути да се сретнат со вистински добра музика – велат организаторите на концертот. Дуња Иванова (1985 г.) магистрира на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано (2010), магистрира (2009) и докторира (2015 г.) на Катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Со солистичка и камерна концертна дејност се претставува во Њујорк (САД), Париз (Франција), Сараево (БиХ), Рагуза (Италија), Приштина (Косово); на фестивалите „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Денови на македонската музика“, „Музика вива“, фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“; настапува со оркестарот на Музичката младина на Македонија, во камерни состави и во рамките на балетски претстави.
Особено значајни се нејзините рецитали посветени на музиката на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт, Руичи Сакамото. Со свои трудови од областа на музичката теорија и практика Иванова учествувала на трибините на здружението на педагозите по пијано на Македонија ЕПТА, на конференциите на Институтот за истражување и архивирање музика ИРАМ, на научностручни собири на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Од 2007 година работи како наставничка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Авторка е на книгите „Рецепцијата на музичкото дело во естетичките теории на 20 век“ (2016 г.), „Естетското доживување на музиката“ (2010 г.), на публикациите „Мултиапликативната примена на музиката во образовниот процес кај децата“ (2010 г.) и „Децата и музиката во виртуелната реалност“ (2012 г.).