На црногорското приморје главни инвеститори не се повеќе Русите, кои се повлекуваат од овој регион, а на нивно место доаѓаат купувачи од Турција. Новоизградените станбени згради во Будва ги преземаат инвеститори од Босфор, пишува „Вечерње новости“. Големата понуда на станови за живеење и одмор и слабата куповна моќ на некогашната средна класа резултира со пад на цените на недвижностите во Црна Гора. Во Будва квадратен метар се продава од 1.200 до 3.000 евра.
– Се случија големи промени на пазарот. Сега Русите, кои некогаш беа главни купувачи и нудеа огромни средства за станови, плацеви и куќи, се јавуваат како продавачи. Главни купувачи се Турците – вели Томислав Ранковиќ, вработен во агенција за недвижности.
Турските купувачи се заинтересирани за станови и за деловни простори, кои потоа ги изнајмуваат. Некои од објектите се наменети за продажба на облека и на накит, а има случаи и за инвестирање во угостителски локали. Како поатрактивна понуда се вилите во околината на Будва, особено во близината на плажите Јаз и Бечиќи, каде што луксузни куќи со базени и со корисна површина од 250 до 300 квадрати се нудат од 200 до 300 илјади евра.