Во машка конкуренција најдобар пласман оствари Гамбит Асеко СЕЕ, 24-ти, седум места над почетниот ранг. Нови европски прваци се норвешки Оферспил (со поранешниот светски првак Магнус Карлсен) и романски Суперчес
ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП
Центар Асеко СЕЕ во женска и Гамбит Асеко СЕЕ во машка конкуренција остварија најдобри пласмани од петте македонски екипи што настапија на годинашниов Европски клупски куп (ЕКК) во Драч (Албанија).
Кај жените, меѓу 26 клуба со вкупно 121 шахистка (12 ВМ, девет ЖВМ), Центар Асеко СЕЕ (2.326, рангиран седми пред ЕКК), го освои 11-то место, забележувајќи осум екипни бода (15,5 поени по табли), со две победи, четири ремија и еден пораз. Екипата на Куманово (2.096, рангиранa 17-та) е 19-та, со шест бода (10,5), а Гостивар (2.084, рангиран 19), е 20-ти со пет бода (12). Нов европски шампион стана романски Суперчес (2.452, рангиран втор) со 12 бода (19,5), пред романска Гаруда (2.433, рангиранa трета) со 10 (17,5), колку што имаше и третопласираната Црвена звезда (2.351, рангирана шеста), но послаб дополнителен критериум.
Во машка конкуренција Гамбит Асеко СЕЕ (2.352, рангиран на 31-то место) го освои 24-то место со осум бода (22,5 поени), со четири победи и три пораза, а Прилеп (2.040, рангиран 75-ти), е на 77-то место со четири бода (14,5), со две победи и пет пораза, меѓу 84 клуба со вкупно 599 шахисти (129 ВМ). Нов европски првак е норвешки Оферспил (2.645, рангиран четврти) на чело со поранешниот светски првак Магнус Карлсен (кој освои пет од шест поени), со 13 екипни бода (29,5), пред ланскиот шампион, чешки Нови Бор (2.670, рангиран втор) со 12, а трет турски Гоктурк (2.525, рангиран 12-ти) исто така со 12 бода. Прворангираниот романски клуб Суперчес (2.713), за кој играше поранешниот светски првак, Индиецот Вишванатан Ананд, е петти.
Шахистите на Алкалоид во 2016 година во Нови Сад станаа европски клупски прваци, а во 2015 година на ЕКК во Скопје женската екипа на Гамбит Асеко СЕЕ го освои сребрениот медал, што се најголеми успеси во двете конкуренции во историјата на македонскиот клупски шах. Г.И.