ФОТО:Пиксабеј

Супермолњите сочинуваат помалку од еден процент од сите удари на гром и тие се исклучително моќни. Една нова студија откри зошто ударите од супермолња можат да соберат до илјада пати повеќе енергија од обичните удари.
Истражувачите од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, Израел, и Универзитетот во Вашингтон ги анализирале податоците за глобалните удари од громови што се случиле помеѓу 2010 и 2018 година.
Клучно откритие е дека колку е поблиску зоната на електричното полнење на бурата до површината на копното или океанот, толку е поголема веројатноста за супермолња. Таа зона за полнење е горниот регион на облакот каде што се одвива електрификацијата, пренесува „Сајенс алерт“.
Наодите се во согласност со претходните истражувања, кои ги идентификуваа североисточниот Атлантски Океан, Средоземно Море и висорамнината Алтиплано како места каде што најчесто се забележани молњи. Сите овие региони имаат кратки растојанија помеѓу зоните за полнење и студените океани или планинските области на висока надморска височина. Се верува дека помалото растојание значи помал електричен отпор, а со тоа и поголема струја, и поинтензивни молњи.
Ударите од супермолња може да предизвикаат сериозна штета на зградите и бродовите на море, а овие нови наоди би можеле да помогнат да се идентификуваат местата каде што е поголема веројатноста да се случат такви силни удари од гром.
Сепак, не треба да го заборавиме влијанието на климатските промени. Научниците допрва треба да утврдат дали тоа ќе значи повеќе или помалку супермолњи.
– Има уште многу нешта што се непознати, но она што го научивме овде е големо парче од сложувалката. Сè уште не сме готови, има уште многу работи да се направат – рече физичарот Авичај Ефраим од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим.