Неделава во Пекинг се одржа глобален форум за одржлив транспорт
На почетокот на седмицава, во понеделникот и вторникот (25 и 26 септември), во Пекинг се одржа глобален форум за одржлив транспорт. Форумот се одржа под слоганот „Одржлив транспорт: соработка за глобален развој“. Во него активно учествуваа повеќе од илјада луѓе, меѓу кои претставници на водечки меѓународни организации, надлежни владини агенции и деловни кругови од неколку десетици земји.
Амбициите на Кина за рамноправен глобален развој на домашен и меѓународен план во трговскиот сектор се добропознати. Економијата и глобалната трговија се основата на просперитетниот и историски извонреден развој на Кина. Во еден таков контекст, а за да функционира тоа непречено во иднина, потребно е да се развие ефикасен и модерен транспортен систем. Тоа е интенцијата на Кина.
Токму во тој правец, кинескиот лидер Си Џинпинг ја објави намерата на Пекинг да ја развие глобалната соработка во транспортниот сектор во корист на сите земји.
Во својата порака до учесниците на глобалниот форум за одржлив транспорт во Пекинг, која на отворањето на состанокот ја прочита потпретседателот на Државниот совет (Владата) на Народна Република Кина, Хе Лифенг, кинескиот лидер Си Џинпинг рече дека Кина брзо ќе се развива како транспортна сила и дека ќе се стреми да ги промовира глобалната соработка и одржливиот развој во транспортниот сектор „за доброто на луѓето од сите земји“.
Тој објасни дека во процесот на сопствениот развој, Кина ќе обезбеди нови поволни можности за меѓународната заедница. Истовремено, тој потсети дека инклузивната интеракција во областа на транспортот, неговата безбедност и прифатливоста на животната средина се клучни фактори за промовирање интензивен социоекономски развој.
Во тој контекст глобалниот форум за одржлив транспорт во Пекинг, одржан под мотото „Одржлив транспорт: соработка за глобален развој“, ги покажа потенцијалите на домаќинот на форумот и ги отвори перспективите на другите учеснички за просперитетна соработка помеѓу државите на глобално ниво и создавање предиспозиции за одржлив транспорт, како крвоток за меѓународната трговија и трговска размена и инвестиции во споменатата област.