Драгослав Дедовиќ, поет од Србија

Српскиот поет Драгослав Дедовиќ (1963, Земун) има објавено11 книги поезија. Лириката му е препеана на повеќе јазици, неколкупати е наградуван. Застапен е во антологии на српската, на босанскохерцеговската и на светската поезија. На македонски е достапна неговата стихозбирка „Земјата под абажур“, во препев на Јовица Ивановски. Македонската публика ќе има можност да го чуе на третото издание на претстојниот „Скопски поетски фестивал“ (24-28 септември) во Скопје.

Каде е поезијата помеѓу музиката и новинарскиот текст? Кое од овие три е најстварно?
– Поезијата настанува од потребата нешто неискажано, можеби дури и неискажливо, ама битно, да се доведе до јазична формула, која потоа умее да трае подолго дури и од човечките сакрални градби. Стварна е таа потреба, а кога од неа ќе произлезе некој поредок на зборови резистентен на епохалните заблуди, тогаш поезијата е постварна од привремените вербални кулиси, кои за современиците ги произведува новинарството. Затоа што е потрајна. Музиката што ја има истата интенција како поезијата, всушност, е поезија, ќе трае. А таа што произведува површни звуци за површната епоха не е музика, туку таблоидно новинарство претворено во звук и ритам. Сезонската корозија ќе ја изеде.
Како рокенролот ја загуби битката со војната?
– Така што „трубадурите на етничкото чистење“, како што ги нарече турбофолкерите еден британски новинар, од Ибарската магистрала преминаа на сплавовите, од сплавовите на медиумските канали да го забавуваат народот изнемоштен од коњските дози безочна пропаганда. Југославија не пропадна само како држава, туку и како модернизациски концепт. Рокенролот беше само „звукот“ на урбанизацијата. Ја подели нејзината судбина кога градовите се трибализираа.
Си заминавте од Југославија на почетокот на војната. Дали е потребно да се оддалечи човек за да види подобро?
– Да, затоа што дистанцата боли, а болката ве држи будни.
Служи ли поезијата за нешто? Или, му служи ли некому?
– Најдобрата поезија, онаа што ќе остане покрај сеопштото дрдорење, ја конституира естетската смисла на еден јазик, дури и без тоа да ѝ биде намерата. Поезијата што служи за што било надвор од тоа спаѓа во пониска форма на употреба на јазикот, користи мимикриски методи, всушност ја имитира поезијата.
Како настанува една песна, а како една книга песни?
– Да имав рецепт, немаше за шест децении да создадам само десетина книгички. А и тоа е премногу.
Кому му пишуваме? Себеси или на светот?
– Треба да се пишува од внатрешна нужност. Адресатите потоа самите се препознаваат. Тоа се луѓе од заедницата на сензибилитетот. Таа е побитна од другите видови заедници.
Во поезијата, на почетокот беше зборот или на почетокот беше сликата?
– Во времето на сликовното писмо тоа било исто.
Кој ја пишува песната?
– Тој што го слуша во себе нејзиното далечно ехо, па тргнува по таа трага за да се приближи до апсолутниот оригинал, иако не знае ни дали тој постои.


Со „Отскочна даска“ почнува „Скопскиот поетски фестивал“

Петнаесет млади поети на возраст од 16 до 25 години ќе читаат на „Отскочна даска #2“, преднастан на „Скопскиот поетски фестивал“, чие трето издание ќе се одржи од 24 до 28 септември. На конкурсот пристигнале 54 пријави, а комисија составена од членови на управниот одбор и на организацискиот одбор на фестивалот го направиле изборот. Избраните поети се: Ангела Бошкоска, Сатја Александар Давитков, Софија Добревска, Дамјан Златановски, Христијан Илиевски, Дарија Јовановска, Макрина Јорданова, Марко Иван Кочишки, Ива Петреска, Теодора Прокоповска, Милена Сиљаноска, Стефан Спасевски, Пепи Стамков, Сара Стојановска и Методија Тасевски.
Настанот ќе се одржи на 24 септември, од 20 часот, во кафе-книжарницата „Буква“, а самите поети учесници ќе имаат задача да го одберат најдобриот меѓу нив, кој потоа ќе чита и на официјалното отворање на фестивалот на 27 септември, заедно со другите учесници во официјалната програма.
По „Отскочна даска“ ќе се одржи и поетско-музички перформанс на ВИС „Тркалезна маса“, насловен „Неисцрпен ‒ tribute to Бошко Бозаџиевски“, по повод 15 години од смртта на овој македонски поет.

Ѓоко Здравески