Тројца пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија денес разговараа со двајцата обвинители кои ја водат предистрагата за случајот со кражбата на лекови на онкологија.
Пациентите ги повикаа сите кои имаат било какви сомневања и информации да одат во Обвиниелството или пак да контактираат со нив.
-Отворено ве повикуваме, не се плашете. Придружете ни се, дојдете на следната средба, споделете ја вашата приказна, дајте личен придонес, воедно ќе им помогнеме и ним да ја вршат истрагата. Или истото направете го на следниот телефон 076 304-872 на овој телефон ќе бидат запишани вашите податоци по што ќе ве контактира јавен обвинител или преку електронска пошта [email protected] – порачаа пациентите по средбата.
Пред обвинителите посочиле кои лекови недостасуваат на онкологија и кои недостасувале во минатото, а нагласиле и дека истрагата мора да биде длабока, детална и да се врати години наназад.
Тие на состанокот со обвинителите доставија листа на барања, во која се наведува неопходноста да се направат детални испитувања и длабински да се прочешлаат историите на пациентите, бројот на истории кои се проверуваат. Прашуваат колку години наназад се случува ова. Побараа и по случаен избор да се изберат онколошки пациенти кои ќе имаат континуиран увид во истрагата и од истрагата ќе сведочат за веродостојноста.
На обвинителите им дале насоки за дополнителни лекови за кои сметаат дека треба да се испитува.
Пациентите се оградуваат од политика.