Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, оствари работна средба со дел од тимот „Скопје 2028“ во врска со кандидатурата на Град Скопје за Европска престолнина на културата во 2028 г.
На средбата се истакна дека Град Скопје во Брисел ќе ги претстави планираните активности и културната програма, кои се дел од кандидатурата за престижната титула Скопје европска престолнина на културата во 2028 г.
Изработена е детална програма со долгорочна развојна стратегија за културата, која содржи голем број податоци за Скопје, богатата историја и културно–историските споменици.
– Особено е важно што со заеднички заложби на градските и националните културни установи, на Министерството за култура, Владата и скопските општини се движиме кон нашата цел, а Скопје доби поддршка и од голем број европски градови и културни институции – соопштија од Град Скопје по работната средба што ја оствари градоначалничката, Данела Арсовска со дел од тимот „Скопје 2028“.
Кандидатурата за престижната титула Европска престолнина на културата во 2028 г. претставуваше сложен процес во кој се вклучија градските и државните културни институции, многу активни чинители од областа на културата и експерти.