Новата воена управа на Нигер денеска ја обвинија Франција за „понатамошно бесрамно мешање“ откако претседателот Емануел Макрон ја повтори својата поддршка за соборениот лидер Мохамед Базум.
– Коментарите на Макрон, дадени на 28 август, „претставуваат дополнително бесрамно мешање во внатрешните работи на Нигер – истакна портпаролот на хунтата полковник Амаду Абдрамане.
Макрон во понеделникот и покрај пучот го поддржа соборениот претседател на Нигер, Базум и изјави дека Франција нема да го повлече својот амбасадор.
Пред пучот во Нигер, Франција активно ја поддржуваше борбата на Владата на претседателот Базум против џихадистичките милиции. Во Нигер уште се стационирани околу 1.500 француски војници.
Воена хунта ја презеде власта во Нигер со воениот пуч изведен на 26 јули, а на 4 август соопшти дека ги раскинува воените договори со Франција, нејзиниот поранешен колонијален владетел. Хунтата ги смени амбасадорите на Нигер во САД, Франција, Того и Нигерија, кои беа именувани од соборената цивилна влада.