Косовскиот премиер, Албин Курти вели дека Приштина и Белград треба да ги нормализираат односите „пред сојузниците да почнат да се занимаваат со изборите во Соединетите Американски Држави и Европската Унија“.
Во интервју за меѓународната новинска агенција Блумберг, кое денеска го пренесуваат дел од медиумите во Приштина, Курти вели дека постои „чувство на ургентност за спроведување на договорите и за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, со меѓусебно признавање во нивниот центар, најдоцна до пролет идната година“.
Покрај итноста за спроведување на договорот за нормализација, Курти рече дека е подготвен и за организирање нови локални избори на косовскиот север, според договорот постигнат со специјалниот емисар на Европската унија, Мирослав Лајчак.
Косовскиот премиер ги коментира и казнените мерки што Западот ги воведе кон Косово, откако неговата влада ги игнорира барањата на САД и другите сојузници сојузниците да не ги испраќа новите градоначалници – Албанци во општинските објекти во четирите општини со мнозинско српско население на север.
– Мерките ни штетат во однос на финансиската и материјалната поддршка на фондовите и грантовите и кредитите што ги добиваме од ЕУ. Тие им штетат на нашите државни агенции и на нашата бизнис заедница – рече Курти.
Тој смета дека „ЕУ и САД сакаат да му помогнат и да го поддржат Косово“, но, тие исто така сакаат и „да ја одвлечат Србија од руското влијание“.
За него враќањето кон договорот што тој и српскиот претседател, Александар Вучиќ во март годинава го потпишаа во Охрид е единствениот пат за решавање на споровите меѓу двете држави.
– Договорот сé уште е на маса – рече Курти во интервјуто што за Блумберг го даде во Словенија, каде што, заедно со лидери на другите држави од Западен Балкан, учествува на годинешниот Бледски форум.