Русија денес ги осуди одлуките на Данска и Холандија да донираат борбени авиони Ф-16 на Украина, предупредувајќи дека тоа ќе доведе до ескалација на конфликтот.
Данска и Холандија во неделата најавија дека ќе и дадат на Украина авиони Ф-16. Првите шест авиони треба да бидат испорачани околу Нова година.
– Фактот што Данска сега одлучи да донира 19 авиони Ф-16 на Украина доведува до ескалација на конфликтот – изјави рускиот амбасадор Владимир Барбин, а пренесе агенцијата „Рицау“.
– Криејќи се зад премисата дека Украина самата мора да ги одреди условите за мир, Данска сака со своите постапки и зборови да постигне дека Украина нема друг избор освен да го продолжи воениот конфликт со Русија – рече тој.
Данскиот министер за одбрана Јакоб Елеман-Јенсен изјави дека Украина ќе може да ги користи донираните авиони Ф-16 само на своја територија.
– Ние донираме оружје под услов да се користи за протерување на непријателот од територијата на Украина. И не повеќе од тоа – изјави данскиот министер.
– Тоа се условите, без разлика дали се работи за тенкови, борбени авиони или нешто друго – додаде тој.