Лидерите на Франција и на Германија го критикуваа порастот на национализмот, предупредувајќи дека Европа повторно може да се врати на мрачниот курс од минатото
Лидерите на Франција и на Германија го критикуваа порастот на национализмот, предупредувајќи дека Европа повторно може да се врати на мрачниот курс од минатото. Емануел Макрон и Ангела Меркел јасно го отфрлија национализмот во текот на одбележувањето на крајот од Првата светска војна, на кое во Париз присуствуваа нивните националистички колеги од Русија, Турција и од САД. И претседателот на Советот на ЕУ и бивш полски лидер Доналд Туск го отфрли национализмот, еден ден пред големата парада во Полска, која беше одбележана со националистички испади и палење на знамето на ЕУ, наведува порталот „ЕУ обсервер“.
– Сојузничките војници што умреа во Првата светска војна го направија тоа во одбрана на универзалните вредности и за да ја отфрлат себичноста на нациите што се грижат само за своите интереси. Патриотизмот е сосема спротивен на национализмот – порача Макрон.
Според него, ЕУ го брани општото добро на светот.
– Ако национализмот стане главен, тој може да ги врати Европа и поширокиот свет на погрешниот курс, кој може да го поткопа наследството на мирот, за кое сметавме дека е засекогаш запечатено – истакна францускиот претседател.
Зборувајќи на Парискиот мировен форум, канцеларката Меркел ја пренесе истата порака.
– Сакам да зборувам за мојата загриженост, која е измешана со денешната комеморација, загриженоста за тоа дека националното слепило повторно се шири, за чекорите што се преземаат само за да се игнорираат нашата меѓусебна зависност, односи и обединувачки врски – истакна Меркел.
Нивниот говор, како што оценува „ЕУ обсервер“, се случува во период на подем на екстремната десница и националистичките политички сили во Европа. Покрај тоа, Макрон и Меркел исто така зборуваа во присуство на американскиот лидер Доналд Трамп, кој самиот се опишува како националист, како и на рускиот претседател Владимир Путин и турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган, кои поддржуваат поагресивна националистичка идеологија. Но Трамп и Путин не им се приклучија на светските лидери и лидерите на ЕУ во симболичната прошетка низ улиците на Париз, а американскиот претседател си замина уште пред да почне Парискиот мировен форум.
Слични предупредувања за националистичките сили и поделби одекнаа во текот на викендот и во Полска.
– Првпат во историјата има американска администрација што не е многу ентузијастички расположена кон обединета, силна Европа. Има антиевропски политичари што се среќни поради брегзит, кои се помалку или повеќе среќни за натамошните чекори кон изолационизам на Вашингтон и кои со голем интензитет флертуваат со Владимир Путин – предупреди Туск.
Според него, по изборите за Европарламентот наредната година, две политички струи може да заземат многу моќни позиции во парламентот.
– Едната е очигледно антиевропска, која сѐ повеќе се фокусира на национализмот и работи против ЕУ. Другата струја им припаѓа на оние што сакаат што е можно повеќе да ја интегрираат ЕУ – додаде Туск.
Одлуката на Туск да замине во Полска, која во неделата ја одбележа стогодишнината од независноста, наместо во Париз, за полските медиуми е знак дека тој се враќа кон домашната политика пред полските избори наредната година. Истовремено, полскиот претседател Анджеј Дуда, премиерот Матеус Моравиецки и шефот на владејачката партија Јарослав Качински беа на чело на парадата од над 200.000 лица низ улиците во центарот на Варшава. Помеѓу големиот број црвено-бели полски знамиња, имаше зелени банери на неофашистичкиот Национален радикален камп, како и симболи на италијанската фашистичка група „Форца нова“. Некои автомобили дури беа излепени со антиисламски постери со пораки како „исламот е непријател на Европа“ и „избришете го исламот“. Членови на крајно десничарската група „Полска младина“ исто така гореа знамиња на ЕУ, извикувајќи пароли против Унијата.
– Екстремната десница беше помалку видлива лани на Денот на независноста на Полска. Но факт е дека неофашистички демонстранти маршираа на провладината парада, заедно со возила на полската војска и ветерани, што ризикува сето тоа да изгледа дека има официјално одобрување – оценува „ЕУ обсервер“.