Фото: Игор Бансколиев

Селекторот Јончевски го одреди поширокиот состав со 18 кошаркари за турнирот во Талин, од каде што најдобрите две репрезентации ќе играат на фајналфорот, а победникот ќе продолжи во квалификациите за ЛОИ 2024. Македонија претходно играше во квалификациите за пласман на ЛОИ 2012

КОШАРКА

Македонската кошаркарска репрезентација в понеделник треба да ги почне подготовките за настап во вторите квалификации во својата историја за пласман на летни олимписки игри (ЛОИ). Двата претквалификациски турнира за пласман на ЛОИ 2024 во Париз треба да почнат на 12 август во Талин (Естонија) и во Гливице (Полска).
Првите две селекции од тие турнири ќе играат во полуфиналето во Гливице, а победникот на тој фајналфор-турнир ќе продолжи во квалификациите, од каде што четирите најдобри селекции ќе настапат на ЛОИ 2024, покрај другите репрезентации што своето место ќе го обезбедат преку висок пласман на претстојното Светско првенство.
Селекторот Александар Јончевски го одреди поширокиот состав со 18 кошаркари на кои ќе смета за овој турнир. Првиот меч во Талин македонската репрезентација треба да го одигра на 12 август со селекцијата на Израел, еден ден подоцна е дуелот со Естонија, а по еден ден пауза, на 15 август, следува и натпреварот со Чешка. На турнирот во Гливице ќе играат репрезентациите на Полска, Португалија, Унгарија и на БиХ.
Во Европа истовремено ќе има уште два вакви турнира, во Истанбул (Турција), каде што во првата група се Турција, Украина, Бугарија и Исланд, а во втората се Холандија, Хрватска, Шведска и Белгија. По две најдобри селекции ќе играат во полуфиналето, а вкупниот победник ќе се пласира во квалификациите за ЛОИ 2024.
Светското првенство во септември ќе биде и квалификациско за ЛОИ в година, каде што ќе се пласираат најдобрите две селекции од Америка и од Европа и по една најдобра репрезентација од Африка, Азија и од Океанија, како и домаќинот на турнирот Франција. На олимпискиот кошаркарски турнир ќе учествуваат вкупно 12 репрезентации.
Македонија играше во квалификациите за пласман на ЛОИ 2012 во Лондон, на турнирот со 12 репрезентации во Венецуела, каде што по групната фаза настапи во четврт-финалето (првите три селекции се пласираа на ЛОИ 2012). Н.М.


ОЛИМПИСКИ ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ

Македонија – Израел 12 август
Чешка – Естонија 12 август
Израел – Чешка 13 август
Естонија – Македонија 13 август
Чешка – Македонија 15 август
Израел – Естонија 15 август
од 18 до 20 август ќе се игра фајналфор-турнир


СОСТАВ

Војдан Стојановски
Ненад Димитријевиќ
Ти-Џеј Шортс
Андреј Јакимовски
Андреј Магдевски
Адем Мекиќ
Андреј Маслинко
Стојан Ѓуроски
Дамјан Робев
Виктор Ефремоски
Љубомир Младеновски
Андреј Андоноски
Теодор Симиќ
Андреј Шошкиќ
Резарт Мемед
Марин Петков
Андреј Митревски
Амар Хот
Селектор: Александар Јончевски