Медицински совет
Ниската дневна доза аспирин може да помогне да се спречат срцеви и мозочни удари кај оние лица што се изложени на поголем ризик од нив.
Меѓутоа, новото истражување покажа дека редовното земање аспирин може да го зголеми ризикот од развој на анемија, особено кај лицата над 65 години.
Земањето апчиња исклучиво од превентивни причини, доколку не сте доживеале срцев удар, може да направи повеќе штета отколку корист, покажува студијата објавена во „Аналс оф интернал медисин“.
– Постојат сè повеќе докази дека земањето „аспирин“ само за превенција можеби не е толку корисно како што мислевме и може да биде поштетно отколку што мислевме – рече Параг Гојал, кардиолог од Њујорк, кој не беше вклучен во новото истражување.
Сепак, тој нагласи дека новите сознанија се однесуваат само на луѓето што немаат срцеви заболувања.
– Ако некој имал срцев удар во минатото, навистина е важно „аспиринот“ да се продолжи – додаде тој.
Земањето „аспирин“ од превентивни причини е сè попопуларно меѓу луѓето што не доживеале срцев или мозочен удар. Меѓутоа, поретка крв може да значи и дека сте изложени на ризик од чиреви и крвавење во гастроинтестиналниот тракт.