Светската метеоролошка организација (СМО) објави дека морскиот мраз на Антарктикот минатиот месец достигнал рекордно ниско ниво, што предизвика загриженост кај експертите за климатски промени.
Според СМО, нивото на морскиот мраз на Антарктикот минатиот месец, кој беше најтоплиот јуни досега, беше најниско во историјата на сателитскиот мониторинг, дури 17 отсто под просекот.
– Обично гледаме големо намалување на морскиот мраз на Арктикот, но не и на Антарктикот. Ова е огромно намалување – рече Мајкл Спароу, водач на Светската програма за истражување на климата.
Глобалните температури на површината на морето биле рекордно високи во мај и во јуни за оваа сезона, а организацијата предупреди дека затоплувањето на светските океани брзо се шири и навлегува во подлабоките слоеви.
– Не се работи само за температурата на површината, туку целиот океан се загрева и ја апсорбира енергијата што ќе остане таму стотици години. Алармните ѕвона ѕвонат особено силно поради невидените температури на површината на морето во северниот дел на Атлантикот – предупредува СМО.
Организацијата предвидува дека временскиот феномен Ел нињо, кој неодамна започна, ќе ги зголеми температурите и на копното и на океаните, што може да резултира со поголем број топлотни удари во морето и екстремни температури.