Неписменоста, функционална но и целосна, е главниот проблем на македонското општество во последниве три децении. За жал, ниту денес, во 21. век не можеме да забележиме тренд на еволуција на писменоста кај државните функционери, напротив, од година во година се повеќе е изразена неписменоста во највиоските редови на централната, локалната и сите останати власти, реагираат од Град Скопје на прес-конференцијата на градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.
-Таков е и примерот, за жал, и со градоначалникот на општина Кисела Вода, кој освен што е функционално неписмен, нема ниту основна култура на однесување. Имено, имотот на парцелата на ЈП „Дрисла“ е во сопственост и основана од страна на Советот на град Скопје е во директна надлежност на градот Скопје. Оттука, произлегува дека т.н. „правен тим“ на Ѓорѓиевски е значително помалку едуциран за проблематиката за која е советуван градоначалникот. Негов е проблемот пак, што ја прифатил ваквата сугестија. Она што ме радува пак од прес конференцијата на Ѓорѓиевски е фактот што тој денес призна дека токму ВМРО-ДПМНЕ во содејство со отпадници од владејачката ДУИ и СДСМ се организатори на блокадата на работата на КХС. Сакам да изразам и жалење за ноторните лаги на Ѓорѓиевски, кои пак произлегуваат, претпоставувам од неговата функционална неписменост – општина Кисела Вода нема никаков договор со Дрисла, напротив, барањето за склучување на договор е испратено до ЈП Дрисла вчера на 11.7.2023 година. Договор има компанијата „Анизор“ која е ангажирана преку тендер од страна на општина Кисела Вода за одлагање на отпад во ЈП „Дрисла“ со која никогаш немало никаков проблем. Но, би сакале да го потсетиме Ѓорѓиевски дека вечерта кога го истураше отпадот пред ЈП „Дрисла“ самиот изјави дека тој чин го прави под „целосна сопствена одговорност“. Оттука, срамно е да плаче на прес-конференции и да се жали, наместо тоа, нека остане барем на едно ветување дадено пред јавноста – овој пат наместо да глуми храброст пред камери, нека ја докаже – стои во реакцијата на Град Скопје.