Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – УЕФА ЈА ПРОШИРИ ПРИМЕНАТА НА ТЕХНОЛОГИЈАТА

Сезонава првпат ќе има ВАР во сите квалификациски кола на Лигата на шампионите (лани се применуваше од третото квалификациско коло), во Лига Европа првпат ќе се применува од третото коло на квалификациите, а во Конференциската лига првпат од плејофот

Сезонава дополнителни 239 натпревари ќе го користат системот видеопомошник-судија (ВАР) во Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ) и Конференциската лига (КЛ), објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Годинашната Лига на шампионите првпат во својата историја ќе ја прошири примената на ВАР во сите квалификациски рунди на натпреварувањето, што е зголемување од 63 натпревари во споредба со сезоната 2022/2023 кога оваа технологија беше воведена од третото квалификациско коло.

ВАР беше успешно користен во неодамнешното прелиминарно коло за пласман во Лигата на шампионите, што се играше на Исланд. Во другите две европски клупски натпреварувања првпат ќе има ВАР од третото квалификациско коло на Лига Европа и од плејофот на Конференциската лига. Ова е значително зголемување на бројот на натпревари со ВАР во овие натпреварувања, пишува УЕФА.

Во очекување на новиот циклус клупски натпревари за сезоната 2024/2025, ВАР ќе продолжи да се користи за сите рунди на Лигата на шампионите, технологијата ќе биде воведена од првото квалификациско коло на Лига Европа, а се работи студија за оправданост поради големиот број натпревари, па ВАР може да се воведе и пред плејофот на Конференциската лига во следната сезона, пишува УЕФА.

Од воведувањето за време на сезоната 2018/2019 во нокаут-фазата од Лигата на шампионите, УЕФА покри вкупно 1.648 натпревари со системот ВАР во клупските и во репрезентативните натпреварувања.