Со вчерашното соопштение на Кремљ, во кое се обиде да ја разјасни ситуацијата, целата мистерија околу Пригожин, неговото исчезнување од јавноста и неговите врски со руското раководство станува уште понејасна.
Пригожин последен пат бил виден ноќта на востанието откако објавил дека неговите сили се повлекуваат. Тогаш бил во џип во Ростов на Дон. Тоа беше крајот на краткотрајниот бунт, кој предизвика тектонски промени, објави Си-ен-ен.
Оттогаш, мистеријата само расте. Во деновите по бунтот, во последните две недели, ги следевме рациите во просториите на Пригожин, во јавноста беа објавени фотографии од неговите наводни перики и златни прачки. Човек сличен на него е забележан и како излегува од хеликоптер во Санкт Петербург.
Францускиот весник „Либерасион“, повикувајќи се на западни разузнавачки служби, објави дека шефот на Вагнер е во Москва од 1 јули.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков вчера потврди дека Пригожин и Путин се сретнале на 29 јуни. Тој рече дека средбата траела три часа и на неа учествувале 35 лица.
-Во тричасовната средба со 35 лица, двајца команданти на единицата Вагнер му кажаа на Путин дека ќе продолжат да се борат за него – тврди Песков.
Од минатонеделните коментари на претседателот Александар Лукашенко е јасно дека Пригожин не е во Белорусија, како што бараше договорот со Кремљ. Таму не се ни неговите борци.
Си-eн-eн пишува оти само пет дена по бунтот, најголемиот бунт во владеењето на Путин, шефот на Кремљ го поканува главниот бунтовник и неговите команданти кај него и заедно разговараат за идната соработка.
Тоа би значело дека 48 часа откако Путин им кажал на војниците собрани на ѕидините на Кремљ како избегнале „граѓанска војна“, началникот на Кремљ полетал во јужниот руски град Дербент на фотографирање и се вратил да ги поздрави вистинските бунтовници следниот ден. Таа средба потоа била чувана во тајност 11 дена.
Досега, Кремљ направи се за да ги спречи последиците од бунтот уверувајќи ја јавноста дека ништо посебно не се случило. Рациите во објектите на Пригожин, затворањето на неговите медиумски куќи, неговото исчезнување од јавноста, контролираниот наратив на Кремљ за средбата – сето тоа води до човек чие исчезнување е попроблематично за Путин отколку што изгледа на почетокот, пишува Си-ен-ен.