Пакистанската хрстијанка Асиа Биби, која беше ослободена од смртна казна, сака да го напушти Пакистан и да замине за Германија, изјави нејзиниот адвокат Сајфул Малук за весникот „Билд ам зонтаг“.
– Биби би се радувала ако може да замине за Германија со своето семејство – рече Малук кој стравувајќи за својата безбедност го напушти Пакистан и отиде во Холандија.
„Билд ам Зонтаг“ цитира претставници на германското Министерство за надворешни работи кои изјавиле дека се водат преговори со пакистанските власти да и овозможи на Биби и на нејзиното семејство да ја напуштат земјата.
Сопругот на Биби претходно побара азил за семејството во САД, Велика Британија и Канада. До сега неколку европски земји му понудија азил на семејството Биби, но сите се многу внимателни затоа што стравуваат од реакции против нивните дипломати во Пакистан.
Властите во Исламабад сепак соопштија дека Биби не може да го напушти Пакистан затоа што е поднесена петиција за ревидирање на судската одлука, која ја организирал адвокат радикален исламист.
Биби во средата беше ослободена од затвор, и во моментов е на безбедна локација во Пакистан. Според некои извори, таа се наоѓа во Исламабад.
Асиа Биби, неписмена мајка на пет деца, беше во затвор осум години откако беше осудена на смрт поради навреда на исламскиот пророк. Пакистанскиот Врховен суд неодамна ја ослободи Асиа што предизвика големи протести што ги организираа тврдокорни исламистички групи кои бараат таа јавно да биде обесена.
Биби, 51-годишна жена земјоделец, беше обвинета за богохулење по несогласување со нејзини колеги муслимански работници околу вода за пиење. Биби наводно го навредила пророкот Мухамед откако нејзините колеги, со кои берела бобинки, одбиле да пијат од водата што таа ја носела, тврдејќи дека е валкана затоа што е христијанка. Тие потоа ја обвинија дека го навредила пророкот Мухамед, обвинение кое таа го негираше. Но, сепак, во 2010 година Биби беше обвинета и осудена на смрт.