Бунтовничката паравојска „Вагнер“ имаше поддршка, но и Кремљ доби поддршка однадвор
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му се јавил на рускиот претседател Путин и му изразил целосна поддршка на руското раководство и потезите што ги прави во врска со обидот за оружен бунт, детали за кои рускиот лидер го информирал Ердоган за време на разговорот.
– Претседателот на Чеченската Република, Рамзан Кадиров, го изјави следново: „Борците на Министерството за одбрана и Националната гарда на Чеченската Република отидоа во тензичните зони. Ќе направиме сѐ за да го зачуваме единството на Русија и да ја заштитиме нејзината државност!“ Тој истакна дека бунтот мора да биде задушен и дека доколку се неопходни остри мерки, чеченските борци се подготвени за тоа.
– Белорусија и Иран му дадоа поддршка на рускиот државен врв, а руското раководство телефонски ги известуваше за ситуацијата во Русија лидерите на соседните земји – Белорусија и Централна Азија.
Според извори од повеќе медиуми, сите цивилни, воени и верски структури внатре во Русија отворено му ја изразиле својата поддршка на руското државно раководство, повикувајќи ја целата нација да застане на иста страна, и остро ги осудиле постапките на Пригожин и неговите војници. Сите тие повикуваа на неопходното единство на земјата во време кога таа се бори „со целиот Запад“ на украинските фронтови, кој сака да ѝ нанесе стратегиски пораз на Русија и „да ја избрише од географската карта на светот“.
На пример, директорот на руската служба за надворешно разузнавање Сергеј Наришкин изјави дека сега е јасно дека обидот да се дестабилизира руското општество и да се разгори пламенот на братоубиствената граѓанска војна е неуспешен.
Сергеј Муратов, заменик-претседател на комитетот за одбрана на Советот на федерацијата, го спореди Пригожин со рускиот генерал Андреј Власов, кому во Втората светска војна му беа „доверени оружје, надеж и должност да ја брани својата земја, а тој го сврте оружјето во друга насока“, како главен „предавник на Големата патриотска војна“.
Кој им искажа поддршка на „Вагнер“ и на Пригожин?
Рускиот економист а денес професор на Универзитетот во Чикаго, Константин Сонин, беше еден од првите што се огласија во знак на поддршка на Пригожин и групата „Вагнер“, со зборовите дека фактот дека се случува таков бунт е знак дека слабее влијанието на претседателот Путин.
„Дека планот на Пригожин има сериозна поддршка во редовната армија, покажува фактот дека ’Вагнер’ лесно можеше да го заземе милионскиот Ростов на Дон, 11-от по големина град во Русија и седиште на Јужниот воен округ. ’Вагнер’ беше пуштен во Ростов без отпор“, напиша Сонин на Фејсбук. „На овој или оној начин, ова им става крај и на Путин (не за две години, како што напишав пролетта, туку побрзо) и на војната. Дури и да не се смени ништо, дури и Пригожин да биде фатен или убиен, а клучните вагнеровци затворени, она што веќе се случи е државен колапс од епски размери, историска епизода“.
„На ѓаволот треба да му се помогне ако е против овој режим!“, порача на Инстаграм прогонетиот тајкун и противник на Путин, Михаил Ходорковски. „Ако еден криминалец е подготвен да му попречи на другиот, треба да му помогнеме, а подоцна ако треба да се бориме против Пригожин“.