Специјалците на Курти беа длабоко на територијата на централна Србија, нашата полиција не ја помина административната линија ниту милиметар, изјави директорот на владината Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, на вонредна прес-конференција.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Петковиќ посочи дека Србија е подготвена да ги понуди сите докази и повика да се отвори меѓународна истрага доколку е потребно.
– Припадниците на специјалните единици на српскатата полиција уапсија тројца вооружени косовски специјалци на територијата на централна Србија. Сите тројца биле вооружени со автоматско оружје и со целосна воена опрема со ГПС уреди, мапи и друга опрема – соопшти претходно МВР.
„Антитерористичката единица на српската жандармерија лоцираше и уапси тројца припадници на специјалната полиција на Курти кои беа вооружени до заби. Оваа терористичка банда е уапсена денеска во 12.38 часот длабоко на територијата на централна Србија во атарот на селото Гњилица во општина Рашка“, рече Петковиќ.
Тој истакна дека припадниците на српската полиција „не стапнале на територијата на Косово и Метохија и не ја прекршиле ниту резолуцијата 1244 ниту Воено-техничкиот договор, бидејќи не ја преминале административната линија“.
– Тие што ги прекршија овие меѓународни договори се токму овие албански терористи, припадници на косовската полиција. Ние сме апсолутно подготвени да ги понудиме сите докази и да побараме да се отвори меѓународна истрага, доколку е потребно, дури и Американците и Британците да ги достават своите сателитски снимки за да може јасно да се види она што го кажуваме, а тоа е дека Српската полиција не премина ниту еден милиметар административни линии – рече Петковиќ.
Тој посочи дека „не се работи за никакво киднапирање, како што тврди косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свечља, туку српската жандармерија го спречила опасниот план на терористите кои со опасна намера заминале во централна Србија“.
– Што бараат со оружје, мапи, ГПС, длабоко во централна Србија и во шума? Тоа ќе го утврди истрагата – рече Петковиќ.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља тврди дека српски сили, внатре на територијата на Република Косово, киднапирале тројца припадници на косовската полиција, јави дописникот на МИА од Приштина.
Свечља вели дека киднапираните службеници на полицијата на Косово се наоѓале длабоко на косовска територија и дека дејствувањето на Србија претставува „кршење на секој договор и секој принцип на меѓународните норми“.
– Додека редот и законот се спроведуваат во нашата земја, криминална Србија влезе на територијата на Република Косово и киднапира тројца полициски службеници на Република Косово, со кршење на секој договор и секој принцип на меѓународните норми. Нема никаков сомнеж дека полициските службеници биле стационирани длабоко на територијата на Република Косово, вршејќи ги редовните задачи. Србија продолжува да биде причинител и поддржувач на злосторството во регионот и во Косово. Ние не се повлекуваме пред криминалците и терористите. Србија повторно го покажува своето вистинско лице, а тое е лицето на автократска и агресорска држава – напиша Свечља на неговата страница на Фејсбук.
Тој го повика меѓународниот фактор да го зголеми притисокот врз Србија за да ги ослободи косовските полицајци и да запре со провокациите.
– Бараме од меѓународната заедница под итно да го зголеми притисокот врз Србија. Таквите криминални однесувања на Србија нема да не запрат на нашиот пат на јакнење на суверенитот во државата – порача Свечља.
Полицијата на Косово претходно објави дека тројца нејзини припадници денеска околу пладне биле киднапирани од маскирани лица од Србија на едно од патиштата во северно Косово, на меѓудржавната граница, што се користел од српски криминални групи за нелгален премин и шверц од Србија.
Според соопштението на ПК, киднапирањето се случило во месноста Тресава/Баре, каде што тројцата полицајци биле на должност на тамошниот статичен пункт.
Полицајците јавиле во полициската централа дека забележале маскирани и вооружени лица, а кога на местото на настанот пристигнале дополнителни единици на КП, таму било пронајдено службеното возило, но не и полицајците.
Медиумите во Белград тврдат дека косовските полицајци се уапсени на српска територија, при што објавија и фотографии од апсењето на униформираните лица кои се наводно косовски полицајци. Приштинските медиуми, пак, напоменуваат дека денешниот инцидент се случи ден откако во Северна Митровица беше уапсено лицето Милун Миленковиќ – Луне, за кого се вели дека е еден од водачите на нелегалната организација, поддржувана од Белград, позната како „Цивилна заштита“ и организатор на нападите врз припадниците на КФОР и косовската полиција за време на неодамнешните протести на косовските Срби во Звечане.