Фото: Игор Бансколиев

По лидерската средба на претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, опозициската Беса и Демократски сојуз (ДС) на Павле Трајанов излегоа со свои реакции. Од Беса велат дека нема да влезат во широка коалиција, а ДС смета дека таква Влада е осудена на колапс.

Лидерот на Беса, Билал Касами во изјава за порталот на албански јазик „Журнал“ рече дека неговата партија нема да биде дел од евентуална широка влада.

На прашањето дали Беса ќе влезе во широката влада која премиерот Ковачевски ја предложи на ВМРО-ДПМНЕ, Касами вели: „Не. Движењето Беса ќе влезе во Владата дури по следните парламентарни избори како победник на тие избори во албанскиот политички блок“.

Трајанов од ДС вели дека решение се избори.

-Во суштина се работи за неискрен пристап и класична манипулација, сѐ со цел да ја избегне одговорноста од колапсот на евроинтеграциските процеси и огромното незадоволство на граѓаните од вкупните состојби и обидот за промена на Уставот под диктат на Бугарија, без да се обезбедат реципроцитет и гаранции за македонскиот идентитет, билатералните прашања наметнати од Бугарија да не можат да се користат за нови блокади и целосна имплементација на одлуките на Судот во Стразбур, поврзани со правата на здружување на Македонците во Бугарија – велат од ДС.

Според нивните информации и проценки, „идејата за широка коалициона Влада ќе доживее колапс поради што Владата треба да поднесе оставка и да се одржат предвремени парламентарни избори“.

Власта и опозициската ВМРО-ДПМНЕ се во неколкудневна преписка преку медиумите за тоа кои услови кој треба да ги прифати за да се договори широка коалиција и да се изгласаат уставните измени. За донесување на уставни измени во Собранието е потребно двотретинско мнозинство во 120- члениот Парламент кое актуелното владејачко мнозинство сега го нема.