Марина Цветановска Мартиновска и Билјана Петровска од 1 до 6 јуни, во Македонскиот културен центар во Њујорк го претставија мултимедијалниот, визуелно-музички проект, насловен „Помеѓу празното и празнината“, кој произлегува од нивната долгогодишната взаемна соработка. Како што самите истакнуваат, при создавањето на релјефните форми и цртежи, Марина ги работи под инспирација на музиката на Билјана Петровска, а воедно Билјана наоѓа инспирација од делата на Марина при создавањето, компонирањето и аранжманот на музиката NOV AGE, а воедно музичките ноти го исполнуваат празниот волумен.
Токму овој современ пристап и третман, кој тргнува од празнината на современото живеење при обид за наоѓање на метафизичките прашања за постоењето, минливоста, непостоењето, материјалното и духовното. Токму тој празен волумен, волумен од сенка и музика, можеби го дава дел од одговорот на прашањата или пак отвора нови. А, тоа е и целта на уметноста да допира, побудува чувства и восприемање индивидуално, трансформирајќи го во заедничко амбиентално релаксирачко чувство на исполнетост, себеиспитување и препознавање во современиот начин на живеење како и недостатоците или предностите кои ги создава глобализацијата наспроти единката, како невидлива честичка во универзумот.
Воедно, и насловите на делата на Марина: „Разговор со празнината“, „24/7 селфи“, „ХО“, „Ангелски крик“, „Помеѓу празното и празнината“ и сл. како и насловите на трите музички сегменти на Билјана Петровска: „Поглед во празнотото“, „Поглед во квадрат“ и „Слушни ја празнината“, се и самите прашања кои провокативно допираат и го запрашуваат реципиентот од можноста за себепрепознавање во самите ликови, во тродимензионалноста на сенката и музиката.
Проектот е дел од годишната програма и финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.
Фото: Приватна архива