Јокиќ со шестиот трипл-дабл во плејофот сезонава се израмни со Меџик Џонсон и Дрејмонд Грин, а му недостига само уште еден за да го стигне легендарниот Вилт Чембрлен

КОШАРКА – НБА, ФИНАЛЕ НА ЗАПАДОТ

Кошаркарите на Денвер на свој терен во Колорадо го совладаа, со 132-126, Лос Анџелес лејкерс во првиот финален натпревар на Западната конференција во НБА-лигата и поведоа со 1-0 во серијата прв до четири победи. Денвер убедливо го доби првото полувреме, со 72-54, но во финишот на средбата ривалот се доближи на пет коша, сепак недоволно за целосен пресврт. Српскиот центар Никола Јокиќ повторно беше маестрален во победничкиот тим, го забележа шестиот трипл-дабл на последните 11 меча, постигнувајќи 34 поени, 21 скок и 14 асистенции. За Јокиќ ова е шести трипл-дабл во плејофот сезонава и се израмни со Меџик Џонсон (1982) и Дрејмонд Грин (2019), а му недостига само уште еден за да го стигне легендарниот Вилт Чембрлен, кој го сторил тоа седум пати во доигрувањето во далечната 1967 година.
На овој меч комплетната прва постава на Денвер имаше двоцифрен ефект. Џамал Мари уфрли 31, Кентавиус Колдвел Поуп 21, Брус Браун 16, а Мајкл Портер јуниор 15 коша. Лејкерси, пак, ги предводеа Ентони Дејвис со 40, Леброн Џејмс со 26 и Остин Ривс со 23 поени.
– Знаевме дека ќе се вратат во игра по првиот дел. Тие се солиден тим. Од друга страна, пак, мораме да продолжиме да бидеме свои и да ја правиме вистинската работа. Кога е така, ние сме добар тим, во спротивно кога ќе почнеме да играме индивидуално, без фокус, тогаш губиме – изјави Јокиќ.
Ова конференциско финале на Западот помеѓу Денвер и Лос Анџелес лејкерс, како што е познато, е всушност истото од она во балонот во 2020 година, кое го добија лејкерси со убедливи 4-1.
Досега само шест клуба никогаш не играле во големото финале на НБА-лигата, односно немале шанса да се борат за златниот прстен. Тоа се Денвер Шарлот, Лос Анџелес клиперс, Мемфис, Минесота и Њу Орлеанс.
Во првиот финален меч на Истокот, кој беше закажан за утринава, ривали се Бостон и Мајами. Г.И.