Според правните експерти со долгогодишно искуство во практиката на правото, потпишувањето нови и реафирмирани конвенции на Хашката конференција влече континуитет од меѓународните обврски на правниот систем од времето на СФРЈ, чија рамноправна конститутивна единка како република беше и Македонија

Потпишана Хашката конвенција за признавање и извршување странски пресуди за граѓански и трговски предмети

Во рамките на регионалниот семинар за Хашката конвенција за признавање и извршување странски пресуди од 2019 година, министерот за правда Кренар Лога во Хаг ја потпиша оваа конвенција за граѓански и трговски предмети. Со потписот на односната конвенција од македонскиот министер за правда, Македонија практично го официјализира правниот континуитет во меѓународниот правен сообраќај, наследен од времето на СФРЈ, која беше потписник на овој меѓународен правен инструмент од 1965-та, односно стапил во сила од 1969 година.
За време на дводневната работна посета на Хаг на министерот Лога, конвенцијата беше потпишана во присуство на генералниот секретар на Хашката конференција за меѓународно приватно право, Кристоф Бернанскони, и македонската амбасадорката во Холандија, Бети Јачева.
Наредниот чекор во однос на конвенцијата е спроведување на постапката за ратификација во согласност со Законот за склучување ратификација и извршување меѓународни договори.

Според правните експерти со долгогодишно искуство во практиката на правото, потпишувањето нови и реафирмирани конвенции на Хашката конференција влече континуитет од меѓународните обврски на правниот систем од времето на СФРЈ, чија рамноправна конститутивна единка како република беше и Македонија.
– Не би можеле да функционираме во меѓународниот правен сообраќај ако Македонија не е дел од Хашката конференција, односно ако не е потписник на нејзините конвенции, кои претставуваат меѓународни правни инструменти. Правниот систем на Македонија, воспоставен по добивањето на независноста, во голем дел, во поглед на меѓународната правна соработка, ги има наследено континуитетот и легитимитетот на договорите и членството во меѓународните правни институции од правниот систем во СФРЈ. Хашката конвенција за признавање и извршување странски пресуди е воспоставена од 1965 година, а неодамна потпишаниот документ од страна на Македонија е веројатно актуализиран во 2019 година. Секако дека Македонија треба да се грижи и да го одржува својот статус на релевантен меѓународен правен субјект, потпирајќи се на континуитетот во меѓународниот правен сообраќај, следејќи ги со активно учество сите промени и развој на состојбите. Потпишувањето на Хашката конвенција за признавање и извршување странски пресуди од 2019 година е само неопходно ажурирање на правниот континуитет на Македонија во системот на меѓународното право – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија.

Република Македонија е членка на Хашката конференција од 1993 година и досега е дел од десет хашки конвенции. Од десетте хашки конвенции, седум се наследени од СФРЈ, додека три се потпишани и ратификувани од осамостојувањето на Македонија. Три конвенции и протоколот, кои се потпишани во 2019 година, се во постапка на ратификација.
Станува збор за Конвенцијата за надлежност, меродавно право, признавање, извршување и соработка во поглед на родителската одговорност и за мерките за заштита на децата ( од 19.10.1966 година), Конвенцијата за спогодбите за избор на суд (од 30.6.2005 година) и Конвенцијата за меѓународно остварување на правата за издршка на детето и други облици на издржување на семејството (од 23.11.2007), заедно со протоколот за меродавното право што ќе се применува на обврските за издршка (од 23.11.2007).

Ј.П.