Фото: Министерство за правда

Министерството за правда ги подготви измените на Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во Казнено-поправните установи. Со измените предвидено е доколку осудено лице од женски пол, кое е осудено на казна затвор до три години или издржало казна затвор од три години да може да ги користи погодностите во согласност со правилникот и куќниот ред од КПУ „Идризово“.

Заменичката на министерот за правда Викторија Аврамовска Мадиќ на прес конференција рече дека во изминатиов период заедно со министерот за правда Кренар Лога го разгледувале претходниот правилник за регулирање во КПУ „Идризово“ со кој била направена неправда кон осудените лица од женски пол.

-По мислењето од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, каде што ни се укажа дека се прави индиректна дискриминација на осудените лица од женски пол во женското одделение, наспроти осудените од машки пол – со министерот најдовме решение. Во најбрз можен рок, откако текстот ќе биде подготвен од Секретаријатот за законодавство, правилникот ќе биде потпишан и во согласност со него осудените лица од женски пол ќе може да ги користат погодностите кои се за осудените лица машки пол – потенцира заменичката на министерот за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ.