Посакував барем една моја песна да се најде во „Колибри“

РОДЕНДЕНСКО ПИСМО ОД ПОЕТОТ РАДИСЛАВ ЈОВИЌ ОД СРБИЈА

Во светот на поезијата влегов кон крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, како страстен читател, а потоа и како творец почетник, воден со огромна желба првите творби да ги објавам некаде. Така, на страниците на некои тогаш популарни младински весници и списанија што беа објавувани во Белград, одвреме-навреме се појавуваа и моите главно љубовни песни.
Покрај големата радост што ме исполнуваше, објавувањето на тие стихови беше огромен ветер во грбот за да создавам што повеќе и што поразновидно. Така, набрзо напишав и низа песни наменети за деца, што беше нов и уште поголем предизвик. Со оглед на тоа што во тие години живеев и работев во Македонија и често го читав дневниот весник „Нова Македонија“, забележав исклучителен додаток во овој весник, кој се појавуваше еднаш неделно под името „Колибри“ и беше наменет за најмладите читатели. На страниците на овој подлисток се објавувани исклучителни дела од класиката на македонската, југословенската и светската книжевност за деца, но и дела од современите автори на проза и поезија, како и ученички творби. Тука имаше и вести за случувањата во училиштата, занимливости, како и убави илустрации.
Посакав барем една, барем една моја песна да се најде во „Колибри“.
Кога го запознав поетот Тодор Мицов и кога почнавме да соработуваме, тој препеа неколку мои песни од српски на македонски, а една од нив – „Капетан на бродот“ е објавена на 22 септември 1981 година во „Колибри“. Веќе пожолтениот исечок од весникот со наведената песна и ден-денес го чувам како драг спомен за големата радост со која бев исполнет тогаш.
Но не помало задоволство почувствував и оваа 2023 година, кога талентираниот млад писател и преведувач Филип Димкоски ме извести дека во додатокот „Колибри“ на 7 февруари е објавена мојата песна „Зимско пладне“, во негов препев на македонски јазик.
Така, по четириесет и две години, како веќе афирмиран поет за деца, со објавени петнаесет самостојни книги, повторно со една песна бев застапен во „Колибри“.
Свесен за огромното значење што го има „Колибри“ за афирмирањето на книжевноста за деца и детското творештво, задоволство ми е на Редакцијата и на сите соработници што учествуваат во создавањето на овој подлисток да им го честитам шеесет и петтиот роденден и да им посакам успех во натамошната работа, на радост на сегашните и идните генерации на млади читатели.

Радислав Јовиќ, писател за деца
Белград, април 2023