Најголемиот предизвик за Македонската берза е недостигот на странски портфолио инвеститори, а за да се надмине овој предизвик потребно е подобро претставување на македонскиот пазар на капитал. Претставници на хрватските брокерки куќи, банки, инвестициски и пензиски фондови денеска се во Скопје со цел детално да се запознаат со македонскиот пазар на капитал и да се обидат да најдат интерес и можности за инвестиции.
Главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев вели дека е добро што основен двигател на македонскиот пазар на капитал се македонските инвеститори, но потребни се и инвеститори од странство кои ќе донесат раздвижување и нови практики на берзата.
-Свесни сме дека меѓусебното информирање за двата пазара моравме да го подигнеме на едно повисоко ниво затоа што ако сакаме да се вратат повеќе странски порфолио инвеститори мора тие да се запознаат со нашите продукти, со нашата инфраструктура и да најдат бизнис интерес и можности за инвестиции на нашиот пазар. Изминатите години имавме неколку добри години, но сепак основен двигател на пазарот се македонските инвеститори и во добар дел македонските физички лица. Тоа е добро и поскувано, но не е идеална стрuктура на прометот. Ние би сакале да имаме повеќе инвеститори од странство, тие ќе донесат и нов промет и нови практики – изјави Штериев пред почетокот на „Деновите на македонскиот пазар на капитал“ што се одржуваат во Скопје.
Според претседателката на Управниот одбор на Загребската берза Ивана Гажиќ, регионалната консолидација е многу важна.
– Ние сме сопственици на 100 проценти на Словенската берза, а сега и на 30 проценти на Македонската берза. Мислиме дека клучот на успехот е споделување на искуства и знаење и приближување на нашите пазари на локалните инвеститори. Хрватска има многу значајна инвеститориска база и целта ни е да им ги претставиме македонските компании и македонската економија која можеби досега не ја познавале толку добро – изјави Гажиќ.
Претседателот на Комисијата за хартии од вредност Нора Алити посочи дека не делат само неколку месеци од веројатно најдлабоката законска реформа на македонскиот пазар на капитал, со имплементацијата на MiFID II.
-Нацртот го доставивме на јавна расправа и моментално ги разгледуваме коментарите и предлозите дадени од засегнатите страни. Клучно е промените да профункционираат, бидејќи се стремиме нашиот пазар да е поинтегриран, потранспарентен, поефикасен, поатрактивен и побезбеден за инвестирање – рече Алити.
Денешниот настан во Скопје е во организација на Македонската и Загребската берза и на него учествуваат претставници на хрватските и македонските брокери и банки, инвестициски и пензиски фондови, котирани компании, регулатори, депозитари и други пазарни учесници.