На 27-29.04.2023 во Охрид, Машински факултет – Скопје, во соработка со Меѓународниот Институт за Ладење (International Institut of Refrigeration – Paris), по 10-ти пат ја организираше Меѓународната конференција за ладилна техника и топлински пумпи на природни ладилни флуиди “Ammonia and C02 Refrigeration Technologies”.
На конференцијата земаа учество над 150 учесници, врвни експерти во својата област од светски познати компании, факултети, институти, здруженија и асоцијации од повеќе од 35 земји од светот. Презентирани беа 40 труда на различни технологии за ладење, греење и климатизација на индустриски и комерцијални објекти, системи кои користат амонијак и CO2 како природни ладилни флуди. Конференцијата која траеше два дена беше отворена од претседателот на организациониот одбор проф. д-р Ристо Цицонков од Машински Факултет Скопје кој даде ретроспектива на сите претходни десет конференции, која беше идејата за оваа конференција во Македонија и како ладењето, греењето и климатизацијата со природни ладилни флуиди е актуелно како никогаш претходно.
Во областа на ладење, греење и климатизација се случуваат големи промени поради проблемите со глобалното затоплување (климатски промени) и штетното дејство врз озонската обвивка. Интензивно се работи на усовршување на постоечките и развој на нови технологии со посебен акцент на енергетската ефикасност.
На оваа конференција беа презентирани трудови од најновите истражувања и примени во праксата. Се разменија голем број на искуства и се согледаа можности за трансфер на технологии во областа на ладење, греење и климатизација.
Македонија овие три дена беше центар на светската јавност која работи на полето на ладење, греење и климатизација и многу странски агенции ги пренесоа предавањата и најновите технологии кои беа презентирани во Охрид.
Веб страна на конференцијата
https://www.mf.ukim.edu.mk/web_ohrid2023/ohrid-2023.html