Телата на седум лица беа пронајдени вчера во куќа во американската сојузна држава Оклахома, соопштија властите. Меѓу жртвите се две исчезнати тинејџерки, осомничениот за нивното киднапирање и уште четири лица, пренесуваат светските медиуми.
Државната патрола на Оклахома испратила итна тревога вчера наутро во потрага по 14-годишната Ајви Вебстер и 16-годишната Британи Бруер, кои се сомневаше дека биле со 39-годишниот Џеси Мекфејден, кој веќе бил осуден за силување.
Но, веќе вчера попладне, шерифот на округот Окмулџи, Еди Рајс, рече дека се верува оти двете девојчиња и Мекфејден се меѓу седумте мртви тела откриени на една фарма источно од градот Хенриета, околу 70 километри јужно од Тулса.
Според „Ен-би-си њуз“, не се достапни дополнителни детали за смртните случаи.
Мајката на Ајви за „Фокс 23“ изјавила дека полицијата ја информирала оти на имотот каде што наводно живеел Мекфејден биле пронајдени седум тела. Таа истакна дека полицијата ѝ кажала оти ги пронашла телата на пет деца и двајца возрасни.
На местото на настанот се присутни силни полициски сили и во тек е увид.