Штурите флоскули дека „треба само Бугарите да се вметнат во Уставот“ се бледи, анемични и далеку од прецизни и транспарентни. Така е повторно и сега, бидејќи „во ниту еден момент во земјава не беше транспарентно педантно прикажано што ќе опфаќаат тие уставни измени, каде и како ќе бидат внесени Бугарите во Уставот, што ќе подразбира тоа подоцна во функционирањето на државата и нејзиниот карактер, какви финансиски импликации ќе има тоа по буџетот, но и какви импликации ќе има врз безбедноста и стабилноста во државата, имајќи предвид дека Бугарите не признаваат македонски народ, македонски јазик и македонска историја“
Предлог-измените на Уставот како добро чувана тајна
Министерството за правда ги објави имињата на претставниците од политичките партии, од претседателот на државата, како и од други институции што се пријавиле за учество во работното тело што ќе работи на подготовка на предлог-иницијативата за потребата од уставни измени, по што иницијативата ќе биде доставена до Собранието.
Во ова работно тело нема претставници на опозициските партии, ниту, пак, на експертите, иако од Министерството за правда најавија дека експертскиот тим ќе биде познат до крајот на неделава.
Она што се издвојува во прв момент е целосното прекршување на процедурата кога станува збор за процес на пристапување на измени на Уставот, кој е јасно дефиниран со сите чекори и постапки што треба да се направат, за што пишувавме деновиве, а само финална фаза во процедурата е всушност гласање или отфрлање на измените на Уставот во Собранието, со двотретинско мнозинство.
Втор клучен момент е работењето врз предлог-иницијатива за уставни измени без јавноста да е запознаена за какви уставни измени станува збор (содржина), кои би биле прецизно дефинирани, потоа дискутирани и претресени на повеќе нивоа и подготвени во согласност со сите политичкоправни и експертски препораки и согледувања.
Никој не знае за какви уставни измени станува збор
Како што се стеснува временската рамка во која треба да се направат уставните измени за да може Македонија да го исполни ветувањето што ѝ го дала на Европската Унија, односно до завршувањето на скрининг-процесот да ги вметне Бугарите во Уставот, така почнуваат да се прекршуваат стандардните процедури и работата да се поставува наопаку, со флагрантни прекршувања на Уставот и законската регулатива, што јасно упатува на тоа дека се прават некакви недопустливи обиди во една правна демократска држава, измените на Уставот на врат на нос да се направат по секоја цена?!
Имено, наскоро ќе помине една година откако на контроверзен начин беше протуркан францускиот предлог, и покрај противењето на огромниот дел македонски граѓани, но до ден-денес никој не кажува на какви уставни измени земјава се обврзала, имајќи предвид дека одгласите што стигнуваат од Софија говорат дека тоа е „најлесната“ работа што треба да ја направи земјава во однос на Бугарија.
Штурите флоскули дека „треба само Бугарите да се вметнат во Уставот“ се бледи, анемични и далеку од прецизни и транспарентни. Така е повторно и сега, бидејќи „во ниту еден момент во земјава не беше транспарентно педантно прикажано што ќе опфаќаат тие уставни измени, каде и како ќе бидат внесени Бугарите во Уставот, што ќе подразбира тоа подоцна во функционирањето на државата и нејзиниот карактер, какви финансиски импликации ќе има тоа по буџетот, но и какви импликации ќе има врз безбедноста и стабилноста во државата, имајќи предвид дека Бугарите не признаваат македонски народ, македонски јазик и македонска историја“.
Второ, се наметнува уште една претпоставка. Според соговорниците, доколку на маса на таа работна група се најде хрватскиот модел на Уставот, кој треба да биде основата за изработка на една нова преамбула во која македонскиот народ ќе биде конститутивен, носечки, а сите преостанати ќе бидат малцински заедници, тогаш може да се најде некакво оправдување за работата на ова тело формирано од Министерството за правда, како добра можност да се забрза работењето на надлежните собраниски тела и истовремено целиот процес околу уставните измени да мине во најкраток можен рок, имајќи предвид дека со едно такво решение никој нема да се спротивставува и Бугарите да станат дел од македонскиот устав.
Трето, ако, пак, се работи на предлог-иницијатива за вметнување на Бугарите во Уставот, а на мала врата да се протнат и некои барања на албанската етничка заедница, тогаш, според нашите соговорници, „на сцена е уште едно силување на демократските принципи и наметнување на туѓи агенди, независно од волјата на мнозинството македонски граѓани, кои очигледно повеќе никој за ништо не ги прашува“?!
Како заклучок од сите овие хипотези е всушност заедничкиот именител за сите овие сценарија: Нема никаква транспарентност, било да станува збор за процесот на подготовка на уставните измени или, пак, за содржината на самите измени и нивниот опфат!
Во јавноста само се претставува некаква наводна инклузивност на сите општествени чинители, но повеќе од јасно е дека ниту експертите, ниту невладиниот сектор, а уште помалку граѓаните воопшто знаат што се крие зад овие уставни измени. Едно е само кристално јасно, тоа е дека на крајот земјава повторно ќе биде ставена пред свршен чин како што беше случајот со Преспанската спогодба.
Чуму е работна група ако Собранието ги има сите надлежности и ингеренции?
Формирањето работно тело за подготовка на предлог-иницијативата за уставни измени од страна на Министерството за правда целосно ја збуни овдешната јавност, која е свесна дека секој процес за промена на Уставот го иницираат пратениците, како непосредни претставници на народот, односно како носители на тој делегиран легитимитет, а целокупната постапка се одвива во Собранието.
Самата постапка за измена на Уставот е посложена од постапката за донесување и измена на законите и другите прописи или акти. Сложеноста на постапката произлегува од фактот што уставните норми се највисоки правни норми во една држава и со нив се регулира државното уредување на една земја, а особено положбата на човекот во системот на власта.
Ова што се прави со Македонија е надвор од секакви демократски нормативи, имајќи предвид дека природата на Уставот е неспоива со каква било итна постапка и со површност во подготовката на уставните промени, а познавачите на уставната проблематика порачуваат дека во уставниот текст треба да се интервенира многу ретко, без брзање, изразувајќи се метафорички „со рака што трепери“. Поентата на оваа метафора е да посочи на чувствителноста на измената на уставите, а секои измени треба да бидат плод на трезвеност, мудрост и внимателност, со цел да не се предизвикаат одредени турбуленции во државата.
Кај нас работата е поставена наопаку, за предлог-иницијативата за уставни измени во некакво работно тело одлучуваат нечии претставници, небаре Уставот е материјал за обука на нечии советници.
За да биде работата целосно јасна, постапката за измена на македонскиот устав опфаќа пет фази: прво, давање предлог за пристапување кон измена на Уставот; второ, донесување одлука за пристапување кон измена на Уставот; трето, утврдување нацрт на актот и негово ставање на јавна дискусија; четврто, утврдување предлог на актот; и петто, одлучување и прогласување на уставната измена од страна на Собранието на Република Македонија.
Во согласност со уставните одредби, предлог за пристапување кон измена на Уставот можат да поднесат: претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници во Собранието на Република Македонија и 150.000 граѓани.
Втората фаза е донесување одлука за пристапување кон измена на Уставот, која ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Третата фаза е утврдување на нацртот за измена на Уставот, кој го утврдува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Истовремено, во оваа фаза се утврдува предлогот на актот – Уставот. Утврдениот нацрт-текст се става на јавна дискусија. Предлогот на Уставот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови, имајќи ги предвид резултатите од јавната дискусија. Резултатите од јавната дискусија во текстот на предлогот на актот ги вградува собраниската комисија за уставни прашања, во тесна соработка со стручната група што таа ја формира, а не Владата на Република Македонија.
Четвртата фаза е донесување одлука за измена на Уставот од страна на Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За предлогот на актот се водат начелна дебата и конкретна дебата за секој член поединечно. Пратениците имаат право да предлагаат амандмани за подобрување на предлог-текстот на Уставот.
Петтата и последна фаза следува веднаш по усвојувањето на уставната измена, така што Собранието донесува одлука за прогласување на уставната измена. Одлуката, како и за уставната измена, се донесува со двотретинско мнозинство гласови.
Транспарентна постапка води кон најдоброто решение
Постапката како се пристапува кон уставни измени е јасна, но за да дојде воопшто до неа, треба и граѓаните да знаат што точно ќе опфаќаат тие уставни измени. Во исто време, граѓаните треба да знаат и зошто е потребно да се исклучува Собранието од целиот подготвителен процес, а подоцна само да се користи за гласање.
– Сето ова што се случува и со формирањето на тоа работно тело од страна на Министерството за правда, како и тајноста околу тоа како би изгледале тие уставни измени и што сè би опфаќале, мене лично ми личи на Пржино, каде што никој ништо не знаеше, ниту каков договор се подготвува, ниту што се подготвува, ниту како ќе изгледа потоа оваа наша држава. Постои процедура, постои јавна дебата што може да се организира во Собранието, нема потреба од никакви работни тела – смета професорката и поранешна пратеничка Солза Грчева.
Таа додава дека единствено е можно да се соберат партиите, да седнат и да продискутираат за потребата од уставни измени.
– Јавноста треба да биде целосно информирана и запознаена што сè ќе опфаќаат тие уставни измени. Јас и порано од собраниската говорница велев дека не треба да има Пржино, односно Пржински договор, туку сите работи да се решаваат во Собранието. Кај нас упорно се дезавуира Собранието како единствено место каде што треба да се дискутираат тие работи, впрочем Собранието е тоа што треба или не треба да изгласа уставни измени и тоа е единственото легитимно место за отворање јавна дебата, дебата во која ќе се вклучат експерти од разни области, невладини, целото општество да знае што се носи, да нема никакви тајни – потенцира Грчева.
Некои од другите соговорници сметаат дека постапките за уставни измени мора да се запазуваат, а тоа значи дека целата работа треба да се иницира во Собранието и оттаму да течат сите процеси.
– Прва работа што не се направи, тоа беше отворање широка дебата околу потребата за уставни измени. Потоа, јавноста мораше да биде запознаена што ќе се менува, во кој дел на Уставот, дали повторно ќе се менува преамбулата, или, пак, можеби ќе се најдат некакви инвентивни решенија и ќе се подготви нова преамбула, која во земјава ќе создаде еден амбиент за прифаќање на таквите уставни измени. Затоа е важно процесот да биде транспарентен, јавноста да знае што се работи, а не да се крие и иницијативата за уставни измени да потекнува од некакви работни тела што немаат никакви ингеренции за такво нешто. Ако се работи на модалитети со кои македонскиот народ ќе стане конститутивен, имајќи предвид дека тој нема втора држава за разлика од малцинствата или делови од народи како што сега се именуваат во Уставот, тогаш веројатно нема никој да има против да бидат вметнати не само Бугарите, Хрватите и Црногорците туку и многу други малцински групи што сега ги нема во Уставот. Ако е во прашање нешто друго, тоа ќе мора да го дознаеме на крајот, кога сè ќе биде завршено. На овој народ му е прекуглава од такви заткулисни игри, заслужи повеќе да не го лажат – заклучуваат соговорниците со кои се консултиравме.