Прославата во Самовилската Шума

Некогаш, многу одамна, се договориле самовилите и џуџињата од Самовилската Шума секоја пролет заеднички да го празнуваат најголемиот и најубав празник – Велигден. Затоа секогаш на крајот на летото царицата на самовилите ги собирала жителите на Самовилската Шума на полјаната кај најстариот даб, за договор. Иако на полноќ полјаната била осветлена како да е ден од безбројните фенерчиња на светулките, сите жители на шумата – и џуџиња и животни и бубачки и птици – биле просто маѓепсани од убавината на самовилската царица. Таа блескотела од сребрените нишки на фустанот исткаени од пајачиња, а лицето ѝ било мило и нежно, осветлено од безбројните разнобојни зраци што се двоеле од круната на нејзината глава. Сите на полјаната занесно шепотеле:
– Боже, боже, колку е убава!
Царицата со ѕвонливо гласче им се обраќала на присутните:
– Знаете дека најголемиот празник Велигден е дури напролет, но за него треба убаво и долго да се подготвуваме. Така ли е, мили мои?
-Така е! – одговарале сите.
– Не залудно тој празник е наречен Велигден – продолжувала царицата.- Сега потрудете се да ги соберете јајцата што не се испилени од сите птици во шумава.
И уште следниот ден почнувало собирањето птичји јајца низ шумата. Собирале сите, и џуџиња, и верверици, и желки и сѐ живо и диво во Самовилската Шума. Ги носеле во празнината на стариот даб. А таму се собирале секакви јајценца – и бели и жолтеникави, и со мали и со големи дамчиња – од сите можни птици. До зимата се направило едно големо купче во дабот.
Кога почнувало пролетното будење на шумата, земјата замирисувала на млада и свежа, штотуку никната трева, а на дрвјата се појавувале првите пупки. Птиците ги почнувале своите песни и целата шума треперела и црцорела пеејќи ја, сите заедно, пролетната песна за раѓањето на животот.
Пред Велигден џуџињата се упатувале кон селските градини и со јаженца исплетени од тревки ги врзувале лисјата на цвеклата што ги одбирале за корнење. Во темнината на ноќта се слушало само крцкањето на жилките што се кинеле од нивните корења. Потоа со јаженцата, откорнатите цвекла ги влечеле до шумата. Со мало ноже, заборавено од некој дрвар, како со голема пила, го преполовувале секое цвекло и, уморни, но задоволни, седнувале наземи. Веднаш по нив слетувале клукајдрвците и длабеле дупчиња во цвеклото. Верверичките, раскикотени, ги носеле малите птичји јајца, ги оставале во издлабените дупки и тие веднаш се бојосувале во убава црвена боја.
– Леле! – се восхитувале сите. – Оваа година јајцата се поубави и поцрвени од лани!
Најцрвеното и со најубави дамчиња јајце, ѝ го подарувале на самовилската царица. Така почнувала во Самовилската Шума радосната вест заради велигденските празници.
На Велигден сите шумски жители се собирале уште рано изутрина кај стариот даб. Тоа бил единствениот пат во годината кога тие излегувале од своите домови прекуден. Биле сигурни дека, бидејќи е голем празник, нема да намине ниту овчар ниту дрвар во шумата.
И сите радосни и безгрижно развревени, почнувале да се чукаат со црвените јајца. Птиците ги пееле најубавите песни, пеперугите летајќи танцувале, а танцувале и самовилите и џуџињата фатени за раце. Веселбата траела целиот ден и дури приквечер се прибирале во своите домови, уморни и сонливи, но со исполнети срца од љубов и радост што ги раѓа големиот празник – Велигден.

Славка Манева (Од книгата со сказни „Трите самовили“)


Незаборавен празничен ден

Велигден, тој раскошен пролетен и празничен ден е незаборавен. Деца со бели плетени кошнички, со цветни гранки од овошките и со црвени јајца ставени на памук во кошничка за да не се скршат. Сите бевме облечени во нешто убаво, во ново плетено џемперче, нови гумени опинчиња. А ако пак ти купиле патики, тоа беше радост голема. Да ти е жал да стапнеш со нив на патот.
Со кошничката со црвени јајца, одевме в црква, да ги пее попот. Еден од тие велигденски денови беше исто така интересен и забавен за нас децата, кога кружевме околу црквата и, случајно, со свеќите си ги подгоревме косите на главите.
Носевме по две-три црвени јајца во училишните торби за да се „кершиме“, како што велевме во Вевчани. Училишниот двор тие денови беше полн со лушпи од велигденски јајца во разни бои. Но бидејќи секој ден не е Велигден, потоа влегувавме во „нормален колосек“, зашто полека но сигурно се ближеше летото, а со него и крајот на учебната година.

Наум Попески


Велигден во гората

Денес уште рано, рано –
пред да пукне зората,
шумскиот поштар – Зајко,
разнесе вест низ гората:

„Велигден е на прагот,
не заборавај, шумски свете!
Јајца велигденски да вапсаш,
да набереш здравец – цвете!“

Ранобудната Верверичка,
прва веста ја слушна.
Ги разбуди своите дечиња,
ги погали и нежно ги гушна.
Потоа, со кошничето в рака,
скокајќи од гранка на гранка,
појде да побара јајца –
од сосетката Фазанка…

И вредната мајка – Зајачица,
сноп здравец дома довлече,
ги избања своите малечки
и во свечена руба облече…

Пред мракот, Зајко – гласник
на врвот на ридот појде…
„Подготвено сѐ е! – викна –
Велигден може да дојде!“

Киро Донев

Грешка

„Бабоооо, дедоооо!!!
Ај не стојте здрвени,
дојдете да видите
чудо се случило –
нашите бели кокошки,
снеле јајца црвени!“

„Гледам внучко
– баба Ката
го смирува Веле,
– но погледни, во ќошето
и зелени снеле!“
„Што е ова?“ – збунет Веле
глава врти, чешка,
се вртеше ваму-таму
и си вели: „Грешка, грешка!“

Но штом зора фрли зраци
и петелот кликна,
„Станувајте, Велигден е! –
баба Ката викна.

И тогаш на внукот Веле
сѐ му стана јасно,
„Значи баба ги вапсала!“,
викна Веле гласно.

Стојан Арсиќ