Во 2014 година членките на НАТО на состанокот во Велс се договорија да го зголемат своето учество во буџетот на Алијансата. Според договорот, земјите-членки на НАТО се усогласија дека „ќе имаат цел да се движат кон учеството од 2 отсто во рок од една деценија“. Односно ветија дека ќе го одвојат договорениот процент од својот БДП за одбрана до 2024 година. Деновиве повеќе светски медиуми повторно ја анализираа оваа одлука, односно правеа пресек на актуелната состојба во однос на ова прашање, во светлината на најавите на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, кој наскоро планира да се огласи со намера да го измени правилото од 2 отсто (поточно до два отсто) на самитот на НАТО во Вилнус во јули
Дилемата за издвојување на двата процента од домашниот БДП на членките на НАТО за учество во буџетот на Алијансата
Во анализата на „Блумберг“, која ја презема и во целост ја пренесе „Вашингтон пост“, од оваа временска дистанца, пишува дека „многумина ваквата одлука ја нарекуваа смешна“, „бесмислена“ и дури и со зборовите дека тоа е „еден од најбесмислените и навистина глупави бенчмарк-репери досега“. Во анализата се наведува дека „згрчената и лизгава формулација – ‘стремете да се движите кон’ – требаше да биде некаква водилка во наредниот период, а откако помина поголемиот дел од деценијата, само седум сојузници го исполнија ветувањето до крајот на минатата година“. А токму во споменатата 2022 година, кога се сумираа резултатите од планот за зголемено учество во буџетот на НАТО, дојде до почнување на украинскиот конфликт, што поттикна и ново уште подраматично размислување за учество во буџетот на НАТО од буџетите на земјите-членки.
Двата процента сега би биле „под“, а не „таван“ за издвојување од БДП
Според споменатата анализа, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, наскоро планира да се огласи со намера да го измени правилото од 2 отсто (поточно до два отсто) на самитот на НАТО во Вилнус во јули. Нема да има повеќе „стремење“ и „движење кон“. Наместо тоа, тој сака да направи двата процента да бидат „под, а не таван“. Во анализата отворено се поставува малку незгодно прашањето со зборовите: „Ако два процента е глупаво како таван, зошто би било помалку глупаво како под?“
Имено, критичарите на ваквиот репер велат дека „нема смисла да се мерат влезовите наместо излезните вредности“. Она што го сака НАТО е борбена моќ. Она што некои од нејзините членки би го добиле е само поголема воена бирократија или оружје, што не е компатибилно со хардверот на другите сојузници или опрема што всушност е корисна за борбените планови на НАТО.
Освен тоа, зошто да се избере процент од БДП? Дали земјите треба да отпуштаат војници секогаш кога ќе влезат во рецесија? Грција – која има релативно голема армија затоа што се плаши од другата членка на НАТО Турција – на моменти ги надмина двата процента само затоа што нејзината економија се намали дури и побрзо од нејзиниот воен буџет.
Во анализата се отвораат низа последователни и логични прашања. Како на пример зошто наместо тоа правило, да не се постави друго мерило како, да речеме, износ по жител? Тоа би го поттикнало Луксембург, кој има околу 900 војници, од 29. на угледното 8., бидејќи е богато место, со само околу 640.000 луѓе. Во секој случај, малку е веројатно дека Големото Војводство – попознато по банкари отколку по воини – ќе ја спаси Алијансата од Путин!? Патем, еден член – Исланд – воопшто нема војска.
Кој е резонот во анализата на „Блумберг“?
„Блумберг“ резимира: „Упатството од два процента е глупаво. Сепак, ако се нагласува тоа, може да се пропушти поентата. Таквото мерило и неговата неопходност произлегуваат од проблемот што треба да се реши: масовното ’слободно возење’ од страна на некои членови на сметка на други“.
За да биде појасно ваквото тврдење во анализата, се укажува на општопознатиот факт дека трансатлантскиот сојуз има моќ да ги одврати непријателите само затоа што ја вклучува единствената суперсила на Западот. Минатата година САД сочинуваа 70 отсто од комбинираните воени трошоци на НАТО (но „само“ 54 отсто од неговиот БДП).
Од друга страна, сојузниците како Белгија и Португалија долго време ја користеа оваа американска доминација како пригоден изговор да се кријат зад Американците. Но најлошиот престапник е сигурно Германија – затоа што, како втора по големина економија на НАТО, таа може да направи многу повеќе. Наместо тоа, Германија систематски ја дефинансираше својата армија уште од Студената војна, дури и додека водеше непромислено наивно дружење со Путин, додава „Блумберг“.
Теоретски, украинскиот конфликт и заканата од „нуклеарниот меч над главите“, сега конечно ги извадија Германците од нивните пацифички илузии. Минатата година канцеларот Олаф Шолц донесе специјален одбранбен фонд во вредност од 100 милијарди евра (107 милијарди долари), кој треба да ги дополни идните буџети за одбрана на Германија.
Но тоа е така само теоретски, бидејќи, според Ева Хогл, парламентарна комесарка за германската армија, во практика „не пристигна ниту цент“ од тој фонд во 2022 година. Таа ја обвинува кафкијанската бирократија за набавки во земјата. Во секој случај, како што смета таа, фондот ќе треба тројно да се зголеми за да се направи разлика. Со ова темпо, според неа, ќе биде потребен половина век за да се доведе германската армија во борбена форма!
Во овој контекст, неправилно, но едноставно упатство како што е целта од два процента станува корисна политичка алатка. Го задржува притисокот врз заостанатите, како што е Германија, и истовремено им помага на нивните министри за одбрана во нивните домашни „спаринзи“ (со министрите за финансии и другите членови на кабинетот), кога ќе се пресекува буџетскиот колач.
Истовремено, истото тоа им помага на американските законодавци да им кажат на сопствените гласачи дека одбраната на Европа сè уште вреди и дека луѓето од другата страна го плаќаат својот дел, се наведува во анализата.
Подготвил: Mарјан Велевски