Мерките вклучуваат и ширење на меѓународната соработка, поддршка за иновативниот индустриски развој, зголемување на резервите кај производствените субјекти и подобрување на институционалните структури на зоните
Кина
Кинеското министерство за економија соопшти дека Кина ќе ги зголеми напорите за промоција на висококвалитетен развој во пограничните и прекуграничните зони за економска соработка, пишува „Чајна дејли“. Во оваа насока, од министерството изјавија дека е објавен циркуларен проглас, кој содржи 15 мерки и е креиран во соработка со 16 други владини ресори, меѓу кои се Министерството за надворешни работи и Националната комисија за развој и реформи.
Во прогласот се истакнува дека пограничните и прекуграничните зони за економска соработка претставуваат важни платформи за Кина и нејзиното продлабочување на соработката со соседните земји и региони, како и за промоција на висококвалитетната заедничка изградба на иницијативата „Појас и пат“. Овие зони се важни и за социјалниот и економскиот развој на пограничните области.
Циркуларниот проглас ја нагласи потребата од „надградба“ на пограничните и прекуграничните зони за економска соработка во платформи за отворање на високо ниво, интеграција на пограничната трговија, преработка и производство, производствени услуги, логистика и набавки.
Петнаесетте мерки вклучуваат унапредување на распоредот и функциите на пограничните и прекуграничните зони за економска соработка, преку средства за воспоставување нови и проширување на постојните.
Наедно, мерките вклучуваат и ширење на меѓународната соработка, поддршка за иновативниот индустриски развој, зголемување на резервите кај производствените субјекти и подобрување на институционалните структури на зоните, како што е подобрувањето на механизмите за работа и управување.