Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека имал „отворен и фер“ разговор со специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар и дека верува во подобрување на односите со САД.
– Отворен и фер разговор со американскиот претставник. Верувам во натамошно подобрување на односите меѓу Србија и САД – напиша Вучиќ на Инстаграм по средбата во Белград со Ескобар, заменик-помошникот државен секретар на САД.
Од кабинетот на Вучиќ по средбата соопштија дека разговарале за процесот на нормализирање на односите со Приштина, формирањето на Заедницата на српските општини и можностите за изнаоѓање компромисни и одржливи решенија во дијалогот што се води со посредство на Европската Унија.
Вучиќ ја „повторил непроменетата позиција“ на Србија во однос на зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот и решавањето на отворените прашања меѓу Белград и Приштина, со акцент на целосно спроведување на досега потпишаните договори и зачувување на државните и националните интереси.