Основното јавно обвинителство Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа за две лица за кои постои сомнение дека учествувале во кривично дело „грабнување“ на Самоил Костадиновски, внук на Љубе Бошкоски, пренесува МИА.
– Основното јавно обвинителство Скопје до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за определување мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа за две лица за кои постои сомнение дека со своите дејствија учествувале во кривично дело – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик. Во интерес на постапката, Јавното обвинителство не е во можност да сподели повеќе детали во овој момент – велат од ОЈО за МИА.
Трагата на Костадиновски му се губи на 4 март кај Амбасадата на Чешка, а неговото исчезнување го пријавил неговиот брат. Случајот го потврди и Министерството за внатрешни работи во дневниот билтен од 6 март.
– На 04.03.2023 во 8 часот во СВР Скопје, М.К.(32) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил неговиот брат С.К.(26), се наведува во полицискиот билтен.