Фото: ВМРО-ДПМНЕ

„Дефинитивно е предизвик да се управува една од најголемите општини во Република Македонија во времиња кои се турбулентни, специфични заради начинот на кој што сите овие кризи влијаат и врз финансирањето на локалната самоуправа. Во период од година ипол успеавме да отпочнеме проекти кои што се ветени во програмата и кон тоа што сме фокусирани во следните години е целосна реализација на нашата програма и ветувањата дадени на граѓаните. Да покажеме дека може во политиката да се биде различен, да покажеме дека може да се владее на ефективен и организиран начин без притоа да има било какви сомнежи за коруптивно дејствување. Тоа е исто така еден од нашите фокуси“, истакна Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на општина Аеродром во гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Муцунски додаде дека е задоволен од досега сработеното, но смета дека може уште повеќе и уште подобро. И така се работи, самокритично, свесни и за недостатоците кои што ги има, но фокусирани кон реализација на ветените проекти.

„А, ако ме прашувате дали работата на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во Градот Скопје ќе влијаат врз како граѓаните ќе гласаат на следните парламентарни избори, верувам дека одговорот би требало да биде афирмативен. Дека дел од нашата работа ќе има силни импликации, но исто така тоа што гледаме по анкетите на јавно мислење е дека веќе станува ноторен факт дека ВМРО-ДПМНЕ победува на следните парламентарни избори. Тоа што можам да го кажам е дека не само јас, туку и сите колеги покажаа различност во моделот на управувањето, специфично ако зборувам и за колегите кои што се градоначалници кои што се дел на општините дел од Градот Скопје“, појасни Муцунски.

Тој посочи дека неговата работа како градоначалник ја двои од работата како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи тој е избран од страна на граѓаните за да ги решава нивните проблеми. И тој има желба за соработка со Градот Скопје, но за жал некако таа соработка не е двострана.

„Градот Скопје требаше да го реализира тој Мега парк, и нема ништо од тој Мега парк, ни претходната година, ниту оваа година. Имаме еден отпочнат булевар „Васко Карангелески“ кој што година ипол седи раскопан и некако година ипол не може да се реши тоа прашање. И Општина како Аеродром, која што е една од најголемите придонесувачи кон Буџетот на Град Скопје дефинитивно најголема општина по население во градот Скопје не заслужува таков третман од Градот Скопје. Стојат отворени прашања, проблемот со кучињата скитници, прашање кое што е во целост на надлежност на Градот Скопје, прашање за кое што ние како Општина секоја година дотираме од нашиот буџет за да има решение, останува тоа прашање нерешено и влошена е состојбата. Остануваат сериозни недостатоци во начинот на кој што ЈП за комунална хигиена се соочува со отпадот“, рече тој.

Муцунски нагласи дека како Општина работи да се надоместат недостатоците кои што Градот Скопје не ги решава. А, последна средба со Арсовска беше пред месец ипол два, координативна средба која што треба да се случува еднаш месечно согласно протоколите.