Проектот за „интелигентно моделирање на сложениот еволутивен принцип на сложени средини за вселенски отпад и автономно следење“ беше лансиран од Државната клучна лабораторија за астронаутска динамика (АДЛ), поврзана со центарот за сателитска контрола „Сијан“ во провинцијата Шанси, во северозападна Кина
Кина ќе ја проучува употребата на вештачката интелигенција за да избегне таложење вселенски отпад, што претставува значителен напор за поефикасно користење на орбиталните ресурси, обезбедувајќи безбедност на вселенските летала во орбитата и создавање нова технологија за брза способност за интелигентна пресметка за спречување на вселенски отпад од големи размери.
Проектот за „интелигентно моделирање на сложениот еволутивен принцип на сложени средини за вселенски отпад и автономно следење“ беше лансиран од Државната клучна лабораторија за астронаутска динамика (АДЛ), поврзана со центарот за сателитска контрола „Сијан“ во провинцијата Шанси, во северозападна Кина. Тој беше одобрен од кинеското министерство за наука и технологија како „Голема програма на новата генерација на вештачка интелигенција 2022“, како дел од планот за научно-технолошка иновација до 2030 година, пренесе „Глобал тајмс“.
Проблемот со вселенскиот отпад
Вселенскиот отпад создаден од човечки активности стана главна пречка и закана за вселенското истражување. Оваа ситуација итно бара заеднички напори на меѓународната заедница. Според истражувачите, имало повеќе од 640 настани, вклучувајќи експлозии, распаѓања и судири што резултирале со сериозни последици во текот на историјата на астронаутиката. Во вселената има повеќе од 30.000 парчиња отпад со големина од над 10 сантиметри, потоа има повеќе од еден милион со големини што се движат од еден до десет сантиметри и стотици милиони со големина нешто повеќе од еден милиметар.
Истражувањето и следењето на вселенскиот отпад се соочуваат со повеќе предизвици, вклучувајќи и екстремно голем број парчиња на отпад што поминува во секое време. Тешкотиите во однос на брзото пресметување и совпаѓањето го отежнуваат предвидувањето на нивната брзина, насока и фрагментација.
Со што се занимава АДЛ?
АДЛ се занимава со истражување на избегнување судири во вселената и ублажување на вселенскиот отпад. Нејзиниот нов проект има цел да ги интегрира алгоритмите за модели на вештачка интелигенција и знаењето за доменот.
Ли Хенгнијан, директор на АДЛ, истакна дека целта е да се искористи имплементацијата на проектот како можност активно да се усогласат националните стратегиски потреби и да се соработува со домашните конкурентни единици за да се обезбеди силна техничка поддршка за зајакнување на управувањето со вселенскиот сообраќај на државата и да се придонесе за изградба на кинеска вселенска сила. Џијанг Ју, главниот научник на проектот од АДЛ, посочи дека ќе се проучува парадигмата на вештачката интелигенција за онлајн мониторинг на вселенскиот отпад, еволуцијата на околината на отпадот и свесноста за состојбата во вселената.